Свет
14. March 2017 - 11:26

Пратеникот на Трамп за Блискиот Исток разговараше пет часови со Нетанјаху

Емисарот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток Џејсон Гринблат се состана денеска во Ерусалим со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопшти канцеларија на премиерот. 

Посетата на Гринблат во регионот е дел од напорите на новата американска администрација да се обидат да ги обноват мировните преговори меѓу Израел и Палестинците. 

Во соопштението стои дека Гринблат ги „потврдил ангажманите на претседателот Трамп за безбедноста на Израел, како и напорите да им се помогне на Израелците и Палестинците да постигнат траен мир преку преговори“. 

Тие преговори се замрзнати од 2014 година, а Палестинците се вознемирени од наклонетоста, демонстрирана од Вашингтон кон Нетанјаху, откако Трамп ја презеде власта во јануари. 

Разговорот меѓу Нетанјаху и Гринблат траел повеќе од пет часови. 

Двајцата разговарале за изградбата на еврејски населби на окупираните палестински територии - Западниот брег и источен Ерусалим, со надеж дека ќе се открие „формула“, што ќе помогне за мирот и безбедноста. 

Палестинците сакаат на таа територија, како и на Појасот Газа, да ја изградат нивната идна држава. 

Голем дел од меѓународната заедница ја сметаат таквата израелска политика на колонизација на окупираните територии, предводена од сите израелски Влади од 1967 година, за пречка за постигнувањето на мир. 

Подоцна денеска Гринблат ќе замине во Рамала, каде ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас. 

Во петокот Трамп одржа телефонски разговор со неговиот палестински колега Махмуд Абас и при тоа го покани наскоро да ја посети Белата куќа. Тоа беше првиот нивен контакт откако Трамп стапи на должност. 

Во денешното изралеско сопштение стои дека Гринблат потенцирал „колку е важно за Трамп да се даде можност за раст на палестинската економија и да се подобри квалитетот на животот на Палестинците“. 

Уште пред да стапи на должност, Трамп го назначи Гринблат за свој главен преговарач за трговски договори и по други прашања, како и за свој советник за Блискиот Исток и специјален претставник за меѓународни преговори.