Македонија
10. October 2020 - 16:50

Пратеникот Јахоски хоспитализиран на Инфективна, Џафери ги повика пратениците да ги почитуваат мерките

Пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, е позитивен на Ковид 19 и тој е хоспитализиран на на Инфективната клиника во Скопје. Неофицијално последен пат Јахоски бил во Собранието во средата на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, но официјален податок од Собранието за ова нема. За ново настаната ситуација претседателот на Собранието Талат Џафери утринава го известил и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски.

Епидемиолози од Центарот за јавно здравје ќе сега ги анкетираат пратениците поединечно за да видат дали некој од нив  имал контакт со Јахоски и ако имал кога било тоа. По направените анкети ќе се знае дали во изолација ќе одат само поединци или како најцрно сценарио сите 120 пратеници.

„Апелираме до сите останати пратеници, освен во Собранието, да се придржуваат до мерките за заштита на колективното здравје и во домашни услови, посебно во контактите со најблиските“, се вели во соопштението од Собранието на РМ.

Од ДУИ засега молк кој од нив како партија и кога имал најблиски контакти со Јахоски.

Инаку според планот наредна седница на Собранието треба да биде во вторник, а отсуството на Јахоски повторно во прашање го доведува нормалното функционирање на Законодавниот дом поради тенкото мнозинство.

Инаку досега пратеничката група на СДСМ двапати на координација кај Џафери побара пратениците да работат онлајн, но ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваше.

Дали ова ќе значи ново барање за онлајн одржување на седниците ќе се знае деновиве.

Инкау Јахоски на јавноста и е позната по тоа што 3 мандати беше градоначалник на Општина Пласница и сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“.