Македонија
21. November 2017 - 9:11

Пратениците со уште една продолжена работна недела, во сабота седница за јавниот обвинител

Претседателот на Собранието Талат Џафери за сабота, 25 ноември, ја закажа седницата на која треба да биде именуван нов јавен обвинител на Република Македонија. Ова, како што објавува МИА, ќе биде втора продолжена работна седмица за пратениците кои во саботата расправаа за прераспределбата на средства од Буџетот за 2017.

Владата му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

Јовески е предложен за нов јавен обвинител откако, согласно пропишаната постапка, за него позитивно мислење даде и Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

На огласот за нов јавен обвинител се пријавија 23 кандидати, а Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење само за двајца од нив.

Постапката за избор на нов јавен обвинител се одолжи поради локалните избори што се одржаа минатиот месец.

Јавното обвинителство на Република Македонија остана без прв човек откако Марко Зврлески на 17 август оваа година беше разрешен од должноста. До именувањето нов јавен обвинител, оваа функција ја извршува Лилјана Спасевска.

Во рамки на 22. седница закажана за сабота, како што објави МИА, на дневен ред се и измените и дополнувањата на законите за судски совет и за заштита на сведоци, закон за престанок на важењето на Законот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и измените и дополнувањата на законите за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување, за придонеси од задолжително социјално осигурување и за акцизите, сите по скратена постапка.

Собранието деновиве е со набиена агенда. По вчерашната посета и средбите со еврокомесарот Јоханес Хан, денеска се закажани неколку седници на парламентарни комисии и 21. пленарна седница, а во посета е и пратеничката група за меѓупарламентарни односи со Република Македонија на Врховната рада на Украина.

Утре ќе почне амандманската расправа во Комисијата за европски прашања за законот за употреба на јазиците. Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Беса поднеле шеесетина амандмани по предлог текстот. 

Засега, според најавеното на собраниската веб-страна, нема закажано активности во петок на 24 ноември, но оваа недела би можело да се очекува Владата да излезе со нови предлози за испразнетите места во своите редови по локалните избори по што Собранието треба повторно да се состане за нивен избор.

Во понеделник, пак, на 27 ноември треба да почне заседанието на Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред е Предлог-буџетот за 2018 година, а тој на пленарна седница би можел да се најде на 11 или 12 декември.

Собранието до крајот на годината треба да одржи седница за поставување пратенички прашања, прва од формирањето на новата Влада, со редовното годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов и за ратификација на договорот со Бугарија.