Македонија
30. August 2017 - 16:29

Пратениците се вратија на работа - ќе распишат ли оглас за нов обвинител?

Што сработиле Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање беше првата работна задача на парламентот по краткиот годишен одмор. Пред Комисијата за надзор на овие две институции отчет за наследените состојби, но и за сработеното во 2016 година даваа директорите Горан Николовски и Зоран Иванов.

Извештаите, зад затворени врати, пратениците ги разгледуваа неколку часа, а според најавите тие од Николовски и Иванов требаше да побараат и две дополнителни информации за работата на УБК и Агенцијата.

Пратеничката агенда наредните денови ќе добива на интензитет. Овој пратенички состав работи повеќе од половина година, но бројот на потпретседателите на Собранието ќе се одредува дури во почетокот на септември.

“Иако прв работен ден главната пратеничка сала остана празна. Народните избраници, по одморот, таму првпат ќе влезат дури в понеделник за кога е закажана нова седница, 12-та по ред на овој пратенички состав. Пратениците ќе работат до 25 септември кога следува нова пауза, овој пат од 20 дена поради локалните избори.“

До тогаш, најжешката тема која се очекува во Собрнаието е огласот за избор на нов јавен обвинител. Имајќи го пред вид долгото разрешување на Зврлевски, но мислењето на Антикорупциската комисија дека незаконско е кое било именување на функционери во предизборието,  за се очекува седницата за огласот исто така да трае подолго време.

На 11 септември пак, ќе биде отворена нова седница. На дневен ред  се ставени три од шесте интерпелации за министри поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.  Народните избраници ќе бараат политичка одговорност од министрите Љупчо Николовски, Мила Царовска и Никола Димитров. На оваа седница се ставени и дел закони кои изминатиов период ги предложи партијата на Никола Груевски.