Македонија
15. November 2017 - 18:29

Пратениците расправаа за укинување на титулата Национален уметник

 

 Пратениците попладнево расправаа за Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија во прво читање. Со него е предвидено во иднина да се укине доделувањето на оваа титула која се состои од доживотен паричен надомест од две просечни месечни плати.

Ќе продолжи да важи за петтемина од шесте добитници на титулата. Од востановувањето во 2011 таа им беше доделена на: Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловски и Никола Маџиров. 

Образложувајќи ја потребата за укинување на Законот, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски соопшти дека за надоместоците на петте живи национални уметници за 2017 гдоина се потребни 4 милиони денари од Буџетот на РМ или за секој од нив месечно бруто по 66.300 денари.

- Се оцени дека со Законот се направи нерамноправен третман меѓу уметниците, како и помеѓу националните уметници и другите вработени во културата кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата, рече Лазовски, додавајќи дека постојат и други механизми за стимулирање на творештвото: парични износи кои им се доделуваат на добитниците на државните награди, право на месечен надомест по остварување право на пензија, откупи на дела итн...

Никица Корубин од ЛДП рече дека законот е недоследен зашто дискриминира и фаворизира една категорија уметници. - Државата е должна да води сметка за сите уметници подеднакво, рече Корубин.

Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ, која беше министер за култура кога се подготви и донесе законот, побара на јавна расправа да се дискутира за укинување на законот за да се слушне мислењето на уметниците, како што била организирана јавна расправа за донесување на законот пред седум години. Тогаш, рече таа, над 50 уметници го поздравиле носењето на законот, а некои од нив биле во работните групи што ги утврдиле критериумите за доделување на титулата Национален уметник.

- Законот се носеше со благородна, позитивна идеја во насока за унапредување на културата и почит кон нашите уметници. Дискриминацијата е токму во укинувањето зашто доведува до неправда и нерамноправен однос кон уметниците. Овие што добиле ќе имаат надомест, а на други уметници државата не им дава можност во иднина да се стекнат со оваа титула. Не може еднострано и самоволно да се одлучува за укинување на титулата, рече Канческа-Милевска.

Независниот пратеник Ферид Мухиќ реплицираше дека во уметноста не постојат објективни критериуми зашто тие се естетски и не се мерливи.

- Политичките интервенции во уметноста се анахронизам и одамна напуштени во демократскиот свет. Наградите се доделуваат од даночни обврзници кои имаат право да не се согласуваат каде им одат парите. Тие треба да се прашаат. Продолжување на доделување на титулата ќе биде зголемување на неправадата. Сега е мигот да запре, рече Мухиќ.

Расправата е исцрпена но немаше гласање, зашто претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина оваа, 15-та седница, и се премина кон дневнит ред на 12-тата седница.

Претходно на 15-та седница пратениците изгласаа дека е приифатлив Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик и може да се даде на натамошно, второ читање. Измените се однесуваат на одблокирање на лекторскиот испит со тоа што кандидатот повторно ќе полага пред комисија, а не компјутерски како што беше воведено со претходните измени на законот. Електронското тестирање се покажало неприменливо така што неколку години не е издадена лиценца за лектор.

Во рамки на 12-тата седница, пак, се расправаше за Предлог закон за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, по скратена постапка, поднесен од Илија Димовски, Драган Данев и Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие предлагаат зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 5 проценти од 1 јануари 2018 и за уште пет проценти од 1 јануари 2020.

Благоја Деспотовски рече дека зголемувањето засега 129 илјади граѓани односно семејства во РМ. Истакна дека не предлагаат заради популизам туку, рече, ја продолжуваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ која во изминатите десет години ги зголемила за околу 27 проценти платите во јавната и државната администрација.

- Просечната плата во 2006 беше 13.300 денари, а во 2017 е 22.672 денари. Сме постигнале зголемување за околу 80 отсто, рече Деспотовски. Според пратениците од опозицијата, и СДСМ треба да го поддржи нивниот предлог зашто се залага за просечна плата од 500 евра.

Претседателот на Собранието ја прекина 12-тата седница и нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано.