Македонија
18. October 2018 - 18:28

Пратениците од власта повикуваат на поддршка за уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ не знае од каде го црпат оптимизмот

Власта е убедена дека има двотретинско мнозинство  за промена на Уставот но и покрај инсистирањето на опозицијата, утре веројатно нема да дозволи гласање во Собранието.
Тунтев вели дека ако не поминат измените на Уставот, тогаш изборите ќе бидат единствениот излез. Но освен проблемот да собере двотретинско мнозинство за промена на Уставот, власта има проблем и да обезбеди 61 пратеник за да распише избори, бидејќи во ДУИ се децидни дека избори, не се решение

Груби денеска делуваше уште поуверен од Тунтев дека власта ќе ја убеди опозицијата да даде поддршка за промена на Уставот со цел промена на Уставното име. Груби вели дека воопшто и не размислуваат за опцијата опозицијата да не гласа за измените во Уставот.

Не знаеме од каде доаѓа оптимизмот во власта, објаснуваат од опозицијата.

Арсовски денеска не сакаше да открие, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе му обезбеди мнозинство на СДСМ за да распише нови избори со оглед на тоа дека во Мала Речица не се расположени да им го вратат мандатот на граѓаните. Нека пропадне гласањето на Уставот па ќе го соопштиме ставот, велат од опозицијата.
Согласно собранискиот Деловник, власта практично нема рок во кој би го закажала гласањето. Постои можност, доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство Џафери да ја прекине седницата за уставните измени на неодредено време и евентуално да ја продолжи тогаш, кога ќе смета дека се создадени услови за тоа.