Македонија
27. March 2018 - 19:29

Пратениците од СДСМ ќе побараат Уставниот суд да се изјасни за „џебното вето“ од Претседателот за законот за јазици

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изјави дека е можно покренување иницијатива пред Уставниот суд за непочитување на Уставот од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов поради непотпишување на Законот за јазиците. 

- Се разгледуваат повеќе опции. Една од опциите која што ја разгледуваме е токму таа заради тоа што потенцијално може претседателот кога сака да ја урниса надлежноста на Парламентот на Македонија. Право е на Парламентот и секако тие ќе соопштат за деталите на одлуките што ќе ги донесат. Она што го знам од нашата пратеничка група дека една од опциите е тоа токму Уставниот суд да каже што во ваков случај, од причина што може да се случи и во следните 30 закони претседателот да одлучи да не ги потпише, па ќе мора повторно да се гласаат. И при повторното гласање Уставот е јасен. Должност на претседателот е да го потпише Законот. Ако не потпише тогаш во такви ситуации ја блокираме демократијата и сите процеси во една нормална земја, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања.