Македонија
29. May 2023 - 16:31

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го повикаа министерот да ги реализира ветувањата за пациентите со цистична фиброза

Министерот за здравство да не ја замајува јавноста со укинување на директорски места и со паркингот на Клинички, туку приоритет да му биде обезбедување на лек за сите пациенти со цистична фиброза, бараат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. 

Три месеци откако во Собрание поминаа законските измени за државата побрзо и поевтино да набавува Трикафта, но постапката се уште тапка во место.

-Со овие измени терапијата требаше да ја добијат сите болни од цистична фиброза, но тие се’уште се мачат и не може да го добијат лекот Трикафта. Станува збор за околу 130 лица во државава. Овие лица се заборавени од Владата предводена од СДС и ДУИ. Секој ден сме сведоци само на нивниот интерес да ги полнат своите џебови сонародни пари или да го крадат народот. Секој ден сме сведоци само на корупција икриминал наместо грижа за болните од цистична фиброза и воопшто за пациентите и граѓаните, изјави Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за здравство пак минатата недела рече дека откако е на функцијата се залагал пациентите со цистична фиброза да го добијат лекот. При крај била подготовката на протоколите за лекување од страна на комисијата и најави дека наскоро лекот ќе го добијат и други 18 пациенти со средна и тешка состојба, но не прецизираше кога тоа ќе се случи.

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе измени на законските решенија за здравстено осигурување и за јавни патишта за лицата со Цистична фиброза над 26 години да не плаќаат партиципација и да бидат ослободени од патна такса и патарини.