Бизнис
22. January 2019 - 16:11

Пратениците и од власта и од опозицијата за промени во Законот за зелените пазари

Власта бара одложување, опозицијата укинување на Законот за пазарите, откако пазарџиите излегоа на протест. Пратениците од владејачката коалиција ќе поднесат закон за одложување на примената на спорните измени до 2020 година, а во меѓувреме да се дебатира со сите засегнати страни.

Поддршка за одлагање на Законот дадоа и пратениците од независната пратеничка група.

Од опозицијата, пак, велат дека одлагањето нема да ги реши проблемите на пазарџиите.

-Повторно една провидна мерка која не ги решава проблемите на пазарџиите кои што протестираа за ова штетно решение на СДСМ. Да видеме јасни, СДСМ со одложувањето на примената на Законот не го решава проблемот на пазарџиите туку само го пролонгира се со цел да не претрпи политичка штета на претстојните избори.

Со измените кои стапија во сила од годинава, но не се применуваат, тезги не може да закупат пензионери, трговци поединци, хонорарци или вработени.

За закуп на тезга законот предвидува дека мора да се има лиценца која чини 60 евра за една година, што пазарџиите го сметаат за голем товар. Досега издадени се 50тина, а ги издава само Комората на трговци. Не се знае што дали оние кои веќе извадиле лиценци ќе бидат обештетени. Изминатите денови пазарџиите бурно реагираа на овој закон со образложение дека тој ќе затвори многу тезги и ќе остави многу семејства на работ на егзистенција.