Македонија
29. August 2019 - 16:16

Пратениците ги прифатија амандманите за техничките детали, преговарачките тимови ќе ја имаат главната задача

За само 15 минути пратениците во комисијата за европски прашања го изгласаа се она што работните групи за законот за јавното обвинителство го договараа повеќе месеци. Техничките детали се усогласени, за суштината на законските измени власта и опозицијата и натаму далеку од договор.

Во десетте амандмани кои беа прифатени денеска власта и опозицијата се договориле за начинот на финансирање на обвинителството, личната одговорност на обвинителите како и за тоа името на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да не се промени.
За опозицијата и натаму спорен останува начинот на избор на новиот јавен обвинител кој ќе го води ова обвинителство, судбината на помошниците на Катица Јанева како и на предметите на СЈО за кои се уште се води судска постапка.
Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на ставот дека шефот на новото обвинителство треба да дојде од редовите на опозицијата. Тие бараат кадровскиот избор да не биде ограничен само во кругот на обвинителите.

Во СДСМ на прва не се согласуваат со ова барање но оставаат простор за усогласување во текот на преговорите кои за време не викендот ќе ги водат работните групи

Во ДУИ се задоволни што новиот закон ќе биде во согласност со Законот за јазици.
На дневен ред на седницата за европски прашања остануваат уште вкупно 44 амандамни од пратеници на повеќе политички партии и од власта и од опозицијата. По конструктивниот старт попладнево, Груби ја прекина седницата и најави дека продолжението ќе го закаже тогаш кога ќе добие информација за епилогот на разговорите на работните групи.

За да биде изгласан, Законот за јавното обвинителство треба да ја добие поддршката на две третини од пратениците во собранискиот пленум. Од министерството за правда најавија дека во случај да не обезбедат 80 пратеници, измените ќе ги прават преку Законот за Советот на јавни обвинители кој од денеска исто така влезе во собраниска процедура.