Македонија
9. October 2015 - 18:38

Пратениците единствени во осудата на дискредитирање лица од јавниот и политичкиот живот

Пратениците и од власта и од опозицијата, попладнево, пред почетокот на расправата за измените на Законот за буџетите во РМ, поднесен од СДСМ, го осудија секој обид за дискредитација на жените од јавниот и политичкиот живот. 

Најпрво, Лилјана Поповска од ДОМ, од името на жените-пратенички ја прочита заедничката писмена реакција, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ констатира дека нападите се организирани од еден центар, а Талат Џафери од ДУИ потенцира дека сега, по ваквите реакции, е уште поубеден оти законот за забрана на објавување прислушувани разговори што го предложи, а потоа и повлече, треба да го врати во собраниска процедура.

- Сите пратенички, независно од политичката партија, се згрозени од жестоките недолични напади на Бонева во медиумите. Ова е еден од низата случаи кога жените се цел на лаги и клевети врз нивниот морал и честа. Најавуваме дека жестоко ќе реагираме на кој било сличен напад во иднина, јавно, до Советот за радиодфузија, а ако треба и по судски пат, истакна Поповска.

Димовски апелира во иднина медиумите и новинарите да внимаваат кога се занимаваат со навреди, омаловажувања, клевети и манипулации.

 - Се надевам дека ова ќе биде поука за во иднина и дека никој повеќе нема да се дрзне да шири лаги, невистини и конструкции за приватниот живот на пратениците и на граѓаните воопшто, зашто никој нема право на тоа. Посебно реагираме зашто се случува клевета кон припаднички на понежниот пол. Какво лицемерие има во нашето општество кога треба да се залагаме за помош и за правата на жените зборуваме едно, но, кога сме дрски и на дното, тогаш бираме да маваме по жена. Тоа зборува најмногу за инспираторите на гнасниот атак полн со клевети и невистини против пратеничка, посочи Димовски.

Ова лудило во нашето општество, додаде, еден ден мора да заврши. Секој човек има право на приватност и на заштита на својот приватен живот. 

- По овие реакции денеска, уште поцврсто сум убеден дека законот кој инсистиравте да го повлечам, треба да го вратам во процедура зашто овозможува рамка - санкционирање на можноста на злоупотреба на судбините на луѓето кои решиле да се занимаваат со јавна функција, нагласи Џафери. 

На тоа реагираше Соња Мираковска од НСДП, потсетувајќи дека сите пратеници се против какви било клевети, лаги и манипулации за нивните колеги и за кој било граѓанин, но дека тоа не треба да се злоупотребува за јавно да се објаснува дали законот што беше повлечен е во ред или не. Тоа е посебна тема, рече, за која допрва ќе се дебатира.

- Сите го осудуваме ваквиот чин - атак на жени во политиката. Тој атак не е од скоро, но најавивме дека ќе реагираме жестоко. Сепак, тоа не смее да се користи за на јавноста да и објаснуваме какви закони ќе носиме, дали договорени заеднички или одвоено, укажа Мираковска.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го поздрави заедничкиот, единствен став на пратениците по прашањето на нивната јавна дискредитација со порака дека никој не смее да си игра со пратеничката функција, ниту да биде предмет на политичко поткусурување.

Вељаноски, по барање на Талат Џафери за координација на пратеничките групи, објави едночасовна пауза по која треба да продолжи расправата за измените на Законот за буџетите.