Македонија
5. April 2017 - 15:25

Пратениците дебатираа за албанската платформа и за собранискиот деловник

Повлекување на платформата зашто е изборна измама и забелешки во однос на водењето на расправата и став дека не се почитува Деловникот беа дискусиите во претпладневниот дел од денешното, осмо продоложение на конститувната седница на Собранието. 

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа СДСМ да се откаже од платформата од Тирана зашто таа ќе треба да биде основа на идната влада врз која, сметаат тие, ќе се случи  редефинирање на државата. 

Џеват Адеми од ДУИ рече дека се случило унифицирање на ставовите на албанските парламентарни субјекти, сублимирани во декларација на албанските политички партии и, како што рече, сосема е разбирливо што таа унификација ќе вознемири многу луѓе. Побара од колегите да не се  занимаваат со пратениците Албанци и, како што рече,  да не ги инволвираат во „овој јавен циркус“. 

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека никој не го оспорува тоа што Албанците постигнале согласност за одредени политички барања. - Тоа што е спорно овде е зошто еден претседател на политичка партија кој ги изгуби изборите после избори ги прифатил тие барања со цел да дојде до власт. Затоа зборуваме за постизборна измама на довербата на гласачите. За време на изборите Заев зборувал за просечна и минимална плата и за евтина тарифа, а после изборите зборуваме за скапа уцена, за скапа платформа која дури ни гласачите на СДСМ не ја виделе пред изборите, рече Милошоски.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ побара од Заев да ја извади платформата пред граѓаните на верификација. - Па, ако си добиете мандат, со среќа да ви е владеењето, рече Мукоски. 

Неговиот сопартиец Илија Димовски рече дека формирањето на комисијата е суштински значајно и од неа зависи дали ќе се верифкува, како што рече, постизборен политички договор се уште непознат за јавноста. 

- Граѓаните се многупати изгорени со вакви играрии, па затоа треба се да е јавно и апелираме СДСМ да ги објави сите елементи од договорот. Колегите Албанци да покажат храброст и да побараат рециприцитет за правата на Македонците во Албанија. Тоа ќе биде знак на доверба, рече Димовски. 

Зеќирија Ибрахими од БЕСА рече дека нема да може да се оформи ниту една влада која ја посакува БЕСА а не прифаќа официјализација на албанскиот јазик.

- Вие можете ДУИ да го земете, како честопати што сте го земале, но немајте илузии дека ќе дојде и БЕСА во владата со некој кој има таков пристап за албанскиот јазик, рече Ибрахими, кој побара да бидат внимателни со квалификациите за албанскиот јазик. Според него, со официјализацијата на албанскиот јазик ќе се помогне развојот на државата и дека никој нема ништо да загуби.

Александар Кирацовски од СДСМ рече дека „тавтологија од лаги и манипулации е она што деновиве се случува во Собранието“ и одговорноста за тоа ја побара кај претседавачот Трајко Вељаноски зашто не го почитувал Деловникот.

– Осум дена ништо суштински значајно не е сработено. Клучот на разрешницата е во Вељаноски и тој ја носи целата одговорност за она што се случува. Ако работеше деловнички, на над 99 проценти од пратениците ќе им беше одземен зборот. Ние веќе ќе бевме завршени со оваа точка, Ќе изберевме претседател на комисијата, ќе имавме избрано дури и претседател на Собранието и ќе дебатиравме за новата влада, рече Кирацовски. 

Вељаноски му одговори дека строго работи по Деловникот и дека не може да им го ускрати правото на говорниците за реплики освен ако тие доброволно не се откажат.

- За реплики на Крсто Муковски се пријавија 70 пратеници и за реплика има право на контрареплика, рече Вељаноски, информирајќи дека до почетокот на осмото продолжение ВМРО-ДПМНЕ имала 824 минути во расправата, СДСМ 509 минути, ДУИ 54, БЕСА 9, Алијанса за Албанците  30 минути, имало вкупно 423 реплики, 139 контрареплики и 864 процедурални реплики.

- Затоа не можеме да стигнеме до целта, до трета и четврта точка, и да завршиме со конститутивната седница, додаде претседавачот. 

Ејуп Аљими од ДУИ исто така со забелешка за долготрајноста на конститутивната седница и апелираше на разумност. - Да не бидеме виновни за блокирање на државниот систем. Веќе имаме техничка влада, дали сакате да имаме и технички општини и да имаме техничка држава, рече Аљими, според кого се злоупотребува говорницата.

Во однос на оваа негова забелешка, Милошоски му одговори дека  никој не треба да критикува постапки кои неговата партија веќе ги правела. 

- Дали вие во вашата партија имате пратеник којшто молчел со часови на седница на комисија. Дали имате пратеник кој читал поезија на седница на комисија според Деловник и дали тогаш сте го критикувале. Не може сега ДУИ, кој девет години ги гласа проектите на ВМРО и аплаудира за ВМРО, сега девет дена ВМРО не чини како политичка партија и ја злоупотребува дебатата. Треба да бидете коректни, рече Милошоски, кој во расправата денеска предупреди и никој да не помислува на чекори спротивни на Деловникот и  на инциденти со кои ќе се наруши стабилноста на Собранието и на државата.