Македонија
14. January 2019 - 16:15

Пратеници и министри му откажуваат верност на Каменос, Ципрас уверен дека има мнозинство

Почна разврската на грчката политичка сцена, спроти гласањето доверба за владата на Ципрас предизвикано од напуштањето на владеачката коалиција од страна на министерот Панос Каменос поради договорот од Преспа.
 
Каменос веќе го напуштија двајца министри и еден пратеник.
 
Министерката за туризам Елена Кундура од Кина, каде  е на службен пат, преку грчката новинска агенција АНА-МПА, потврди дека ја поддржува владата водејќи се според единствениот критериум, националниот интерес.
 
Веднаш истото го стори и заменик-министерот за земјоделство Василис Кокалис кој во писмена изјава потврди дека ќе гласа за доверба на владата.
 
Лидерот на Независни Грци, Каменос на твитер објави дека ги отстранил двајцата високи партиски членови од партија.
 
,,Василис Кокалис иако се наоѓа во фаза на преговори во Кина за неговиот глас за националното прашање доволна е неговата намера за замена на позицијата за да биде отстранет од пратеничката група на Независни Грци‘‘, напиша Каменос.
 
И еден од пратениците на АНЕЛ, Тансис Папахристопулос на државната телевизија потврди дека останува со Сириза и за гласањето доверба и за ратификација на Договорот од Преспа.
 
,,Пратеничкото место нема да го отстапам сега, бидејќи партиските линии не се над националните, тоа е мојата проценка. Но, од моментот кога прво ќе биде гласањето доверба, нешто што ми дава комоција, веднаш по Договорот од Преспа ќе го отстапам моето пратеничко место. Не сменив партија‘‘, изјави Папахристопулос.
 
Но, според грчките медиуми очигледно дека одлевањето на кадрите на Каменос од партијата и поддршка на актуелната влада ќе продолжи, со оглед на информациите дека Ципрас веќе има обезбедено доволно гласови и за доверба на Владата и за ратификација на договорот, односно, освен 145 пратеници од Сириза, обезбедил доволно гласови до потребната бројка 151.
 
Грчкиот Премиер синоќа во обраќањето пред партиските членови и симпатизери јасно стави до знаење дека ќе оди до крај со Договорот од Преспа. Тој порача дека исто како што соседите не се повлекоа, така и Грција нема да се повлече, споредувајќи ги како што ги нарече националистите и квазипатриотите во двете земји.
 
,,Истото го постигна и Зоран Заев со неговата Влада, запечатувајќи го целиот обид со храбрата уставна ревизија преку која се обезбедува долгорочноста на овој договор. Дозволете ми да му честитам од овде, бидејќи е прв пат што говорам по позитивното завршување на процесот во Скопје. Дозволете ми да му честитам на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, за куражот, за храброста што ги покажа од почетокот до крајот на овој процес. Да му честитам бидејќи не се повлече пред националистичките протести на омраза кои таму ги организираше ВМРО, партнерот на Нова демократија во Европската народна партија, што инвестираше во насилство и во провокација на политичка аномалија обидувајќи се да го поништи овој историски обид, рече грчкиот премиер.
 
Од Собирот поддршка на договорот испрати и Спирос Данелис, пратеникот од партијата Река, која брои 6 пратеници и е во опозиција.
 
Според најавите седницата за доверба на владата ќе почне утре во 10 часот, а ќе се гласа во среда до полноќ. Веднаш потоа се очекува да почне и процедурата за ратификација на Договорот од Преспа.
 
Валентин Николоски, Сител телевизија.