Македонија
9. јуни 2017 - 14:38

Пратенички од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат законски измени за продолжување на породилното отсуство

Пратеничката Нола Исмајлоска Старова од ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека заедно со пратеничката Магдалена Манаскова ќе поднесат измени на Законот за работни односи кои се однесуваат на продолжување на породолното отсуство за идните мајки.

Исмајлоска посочи дека за ова ја имаат поддршката од останатите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

- Сакам да нагласам дека поднесуваме идентичен закон со граѓанската иницијатива која што беше поднесена и потпишана од 217 мајки до Собранието на Република Македонија и истата како неуредна, беше одбиена на Комисијата за политички систем од страна на мнозинството предводено од СДСМ. Нашата цел не е да ја превземеме граѓанската иницијатива, туку преку овие законски измени да ја забрзаме постапката и да им помогнеме на мајките кои што одново треба да ја повторуваат целата постапка која што ќе трае подолго време и повторно да ја поднесат иницијативата до Собранието на Република Македонија, рече Исмајлоска.

Таа посочи дека иницијативата била одбиена од страна на СДСМ како неуредна, иако претходно била поздравена од сите политички партии - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса. Ги повика сите пратеници да ги поддржат овие законски измени и веќе во јули тие да бидат донесени. 

- Граѓанската иницијатива која што беше одбиена од страна на СДСМ како неуредна, е очекуван резултат на кренатите очекувања на граѓаните од страна на политичките партии за време на последната изборна кампања. Токму затоа ние како одговорни пратеници цврсто стоиме на ставот дека ветувањата мора да се исполнуваат. Нема да дозволиме лажните ветувања кои што ги давало новото парламентарно мнозинство да бидат фрлени настрана, рече Исмајлоска.