Македонија
28. September 2016 - 11:14

„Прасето кое сакаше да биде птица“ меѓу најдобрите на фестивал во Јапонија

Цртаниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ на продукцијата ОХО, се пласира меѓу десетте најдобри во категоријата аудио-визуелни програми (за предучилишна возраст) на фестивалот „Japan Prize“ во Јапонија. 

„Japan Prize“, како што велат продуцентите,  е најголем фестивал за телевизиски програми во Азија, и е ориентиран кон едукативни програми од сите категории. Веќе 51 година диктира високи критериуми кои се однесуваат на вештината да се прикаже едукативна вредност, паралелно оценувајќи ја и уметничката. Жирито е составено од продуценти, директори на фотографија и режисери од целиот свет.

Цртаниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ го создаде креативниот тим на „ОХО“. Продуцент е Пеце Талески, сценариото и режијата е на Елеонора Венинова, а анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски. Илустрациите се на Тхе Мичо, а музиката е на Мите Димовски.

„Прасето кое сакаше да биде птица“ досега учествуваше на повеќе домашни и светски фестивали, како „Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореја, „Supertoon Festival“ во Шибеник, Хрватска  и други.