Бизнис
25. April 2018 - 15:06

ППЦ го потпиша договорот за купување на групацијата ЕДС

Сопствениците на ЕДС, компанијата за трговија со електрична енергија и на Public Power Corporation (ППЦ), грчката национална компанија за производство на струја, денеска го потпишаа договорот за продажба на 100 проценти од акциите на ЕДС и подружниците во Југоисточна Европа, во вкупна вредност од 4,8 милиони евра.

По денешното потпишување на договорот за купување на акциите, неопходно е да се завршат одредени формалности и процедури, што ќе доведе до финален трансфер на ЕДС, која е успешна компанија од енергетскиот сектор што е присутна во седум земји од регионот.

- Покрај следењето за нашето законодавство и процедурите, во текот на преговорите за продажбата приоритет ни беа и условите за унапредување на стабилноста и плановите за понатамошен развој на компанијата. ЕДС досега постигна многу на локалниот и регионалниот пазар, како членка на меѓународната берза за набавка на струја ја има најдобрата балансна група, одлично развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и големо искуство во набавката на струја на слободниот пазар. Со овој договор зад себе имаме гигант во производство на струја што ќе не направи поконкурентни на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и пред се уште поголема сигурност, изјави Кочо Анѓушев, сопственик на ЕДС.

Главниот извршен директор на ППЦ, Емануел М. Панајотакис изјави дека со купувањето на ЕДС ППЦ влегува на пазарот за електрична енергија на македонскиот пазар.

- Со поддршката од ППЦ и нејзината експертиза, ЕДС ќе напредува и зајакнува и понатаму, што ќе биде во најдобар интерес и на клиентите. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето, рече Панајотакис

ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над пет милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти.

ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија. ППЦ неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија Џенерал Електрик за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и Северна Африка.