Тенис
28. September 2016 - 17:42

Познати полуфиналистите на државното првенство

На терените на „Тенис парк“ во склоп на СЦ „Јане Сандански“ денеска се одиграа четвртфиналните мечеви од државното првенство на Македонија во тенис. Првиот носител и актуелен шампион Димитар Грабул (ТК Југ) го совлада младиот Ѓорѓи Јанкуловски (ТК Југ) со 6:2 и 6:2 во сетови. Негов ривал во полуфиналето ќе му биде Шендрит Деари (ТК Југ), кој со 6:3 и 6:3 го победи клупскиот колега Елведин Пепиќ.
Во второто полуфинале ќе играат Стефан Мицов и Драган Думевски. Мицов (ТК Тенис парк) експресно без загубен гем со 6:0 и 6:0 го победи Марио Герасимовски (ТК Југ). Најнеизвесно четвртфинале одиграа Думевски (ТК Југ) и Димитар Ристовски (ТК Тенис парк), а победа со 7:5 и 7:6 (7:5) оствари вториот носител Думевски.
На женските полуфинални мечеви победи постигнаа Катарина Маринковиќ и Ана Ристевска. Маринковиќ ја победи Теона Велкоска со 7:5 и 6:2 во сетови, додека Ристевска со 6:1 и 7:6 (8:6) беше поуспешна од Нора Христовска.
Утре според програмата првите мечеви се закажани за 11 часот. На теренот број 1 ќе се игра машкото полуфинале меѓу Грабул и Деари, а потоа е дуелот Мицов – Думевски. Во 11 часот на теренот број 2 е закажан почетокот на женското финале меѓу Маринковиќ и Ристевска.