Македонија
28. September 2022 - 11:26

Познат идентитетот на возачот на „голфот“ кој падна во Вардар, потрагата се уште трае

Во околината на тетовско Желино и денеска продолжува потрагата по возачот и евентуални сопатници од автомобилот што излета вчера во реката Вардар. Тетовската полиција вчера околу 11 часот и 30 минути доби пријава дека излетало возило марка „фолксваген голф 4“ со кумановски регистерски таблици, кое во текот на денот беше извлечено од речното корито со градежна механизација, но не беа најдени луѓе внатре.

-До овој момент не е пронајдено лицето или евентуално лицата кои биле во возилото. Од 8 часот утрото продолжи пребарувањето на  водите на Вардар, во што се вклучени полициски службеници на МВР, односно СВР Тетово. Се пребарува од двете страни, информираа од СВР Тетово.

Медиуми на албански јазик информираат дека станува збор за 22-годишниот Е.Р. од Куманово и пишуваат дека членови на неговото семејство биле на местото на несреќата и потврдиле дека станува збор за тоа момче.

Во текот на вчерашниот ден покрај специјализирана екипа од МВР, тетовските пожарникари, полицајци и вработените во Општина Желино, во потрага учествуваше и екипа на нуркачи од Дирекција за заштита и спасување Велес. Потрагата се одвиваше се до стемнувањето.