Loading Video...
Балкан
9. јуни 2020 - 16:42

Позициите на Бугарија и на Грција ќе бидат клучни во преговарачката рамка со ЕУ

„Новата методологија и позициите на Бугарија и Грција ќе бидат клучни во преговарачката рамка на ЕУ, сметаат експерите. Македонија и Албанија се првите земји кои ќе преговараат согласно новата методологија и затоа рамката сигурно ќе се разликува од оние кои ги имаат Србија и Црна Гора“, посочува Зоран Нечев од Институтот за демократија.

Нечев смета дека ваквата ситуација бара силна национална позиција и политичка влада која ќе има капациет и сила да лобира кај земјите членки во процесот на усогласување на преговарачката рамка.

„Во моментов тоа го немаме и тоа е голем хендикеп“, вели Нечев.

Европската комисија неделава треба на Европскиот совет да ја достави нацрт верзијата на преговарачката рамка за Македонија, која потоа треба да се усвои од земјите членки. Овој процес по правило трае два до три месеци и за документот е потребен консензус од сите држави на Унијата. Отакако рамката ќе биде комплетирана, следува и првата меѓувладина конференција, со која и формално отпочнуваат преговите за полноправно членство во Унијата.