Македонија
14. September 2019 - 21:22

Пожарот во пробиштипскиот регион почнува да се локализира, остануваат уште три помали жаришта

Пожарот во пробиштипскиот регион почнува да се локализира, остануваат уште три помали жаришта, информира за МИА градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Атанстасов.

Пожарникарите и резервниот состав, вработени во Комуналното претпријатие во Пробиштип, како и пожарникари од Свети Николе се уште се на терен, а гореше сува трева и нискостеблеста шума кај селата Зарапинци, Пуздерци, Дренек, Стрисовци.

– Зафатена е сува трева и мал дел на дабова шума. Засега не може точно да се утврди колкава е површината што е зафатена бидејќи станува за голем простор. Досега пожарот ќе беше изгаснат, но ветерот на пожарникарите и на сите кои се вклучени во неговото гаснење им прави проблеми, вели Анастасов.

Пожарот се шири кон селата Петришино и Долни Стубол. Според првичните информации пожарот е намерно предизвикан од несовесен граѓанин.