Македонија
4. July 2021 - 12:55

Пожарникари гаснеа четири пожари на отворено во струмичко

Пожарникарите од Струмица вчера гаснеле четири пожари на отворено на повеќе локации, од кои најголем бил тој меѓу селата Петралинци и Гечерлија.

Според информациите од ТППЕ Струмица, таму гореле стрништа, сува трева и насади со лозје, а во гаснењето учествувале со четири против пожарни возила и 10 пожарникари.

-Заради силниот ветер пожарот се ширеше со голема брзина при што беа загрозени неколку околни објекти. Благодарение на брзата интервенција пожарот беше успешно локализиран и ликвидиран, стои во информацијата од Територијалната против пожарна единица на Струмица.

Истовремено со овој пожар избувнале пожари на отворено во атарите на селата Чанаклија, Старо Коњарево и Колешино. Таму горела сува трева и нискостеблеста шума.

На опасноста од појавата на пожари на отворено укажуваат од Отсекот за превенција при СВР Струмица и Дирекцијата за заштита и спасување. Тие во повеќе населени места делеа летоци и превентивни совети за ризиците од појава на пожари и штетите од нив во рамки на традиционалната кампања „Лето без пожари“.

-Активноста придонесува да се подигне свеста кај граѓаните за заштита и превенција од пожари со што се зајакнува довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните, рече Хризантема Рендевска, началник на Отсекот за превенција при СВР Струмица.

Оттаму најавуваат дека активностите ќе продолжат во текот на летниот период на места каде постојат ризици од предизвикување пожари.