Македонија
24. January 2019 - 11:32

Пожарите на отворен простор најчести во Делчево и Македонска Каменица во 2018 година

Пожарникарите од Делчево и Македонска Каменица во изминатата 2018 година најмногу интервенции имале на отворен простор. Командирот на Територијалната противпожарна единица од Делчево Ванчо Постоловски, информираше дека во текот на 2018 на територијата на општина Делчево се регистрирани вкупно 19 интервенции во пожари на отворен простор.

– Пожарите на отворен простор биле најчести во 2018 година и такви имаме регистрирано 19 случаи. Во останатите 22 случаи нашите екипи интервенирале 16 пати на пожари во објекти и имаме шест технички интервенции, вели Постоловски.
 
Во Македонска Каменица состојбата вели дека тамошната противпожарна служба минатата година имала вкупно 16 интервенции.
 
– Минатата 2018 година ја заокруживме со 16 интервенции од кои имавме четири технички интервенции во сообраќајни несреќи од кои за жал имаше и две жртви. Во останатите 12 случаи девет од интервенциите беа пожари на отворен простор, додека три интервенции беа во затворен простор. Од тие во две интервениравме во пожар кој се случил во куќи додека во една интервенција спречивме поголема катастрофа во интервенција на камион полн со боци под притисок, информира Малин Трајчевски од Територијалната противпожарна единица во Македонска Каменица.
 
Во првиот случај во 2019 година територијалната против пожарна единица од Делчево интервенираше во пожар на запалено возило. Пожарот беше успешно локализиран без регистрирано жртви.