Македонија
1. April 2019 - 17:18

Пожар во Осоговијата

Пожарите на истокот од земјата никако да стивнат. Против пожарната единици од Кочани веќе трет ден се бори со огнената стихија на падините на Осоговските планини, кај селото Цера.

Досега се опожарени околу 50 ха борова и букова шума. Благој Паунов, командир на ТППЕ од Кочани вели дека 48 часа се на терен, но немоќни се во локализирање на пожарот, поради непристапноста на теренот, силниот ветер и сувата вегетација кои постојано го разгоруваат огнот.

Противпожарните возила не можат да се пробијат до пожарот. Граѓаните на Кочани велат дека посебно била застрашувачка гледката во вечерните часови, кога небото буквално станало црвено од одсјајот на пламените јазици, а пепелта пагала и во градот, иако пожарот е на оддалеченост од 30-тина километри воздушна линија.

Поради сериозноста на состојбата, доцна синоќа заседавал општинскиот Кризен штаб, Дирекцијата за заштита и спасување, ЦУК, пожарникарите и локалната самоуправа заради подобра координација и комуникација во справување со пожарот.

Во моментот на терен се дежурни екипи составени од пожарникари, инспектори, полицајци и претставници на „Шумското стопанство" и општината.