Македонија
22. May 2018 - 16:53

Повторно во функција Катлановска бања

Од денеска Катлановска бања повторно ги отвори вратите за пациентите кои имаат потреба од медицинска рехабилитација. Државниот здравствен и санитарен инспекторат им ја укина забраната која беше изречена на први месецов бидејќи немале дозвола од Министерството за здравство за вршење на здравствена дејност. Но установата од инспекторатот добила уште едно решение со дополнителни мерки за неправилностите кои ги констатирале за време на вонредниот надзор направен на 14 април. Од ДСЗИ велат дека ќе има и парични казни за Катлановска бања поради не водење на здравствена евиденција и несоодветна документација. Овој случај го изнесе на виделина проблемот дека и кај други бањи во државата не е регулирано медицинското лекување бидејќи се изоставени од законската регулатива со измените направени пред 6 години.

- Решението е донесено согласно дополнително доставените докумети од страна на Катлановска Бања и затекнатата моментална состојба со останатите бањи на територијата на РМ, како и фактот дека е направен пропуст во однос на регулирањето на здравствените услуги во бањите во постојниот Закон за здравствена заштита од 2012 година. 

- Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги задолжил бањите во земјата во најкраток можен рок да достават елаборати за простор, опрема и кадар, со посебен фокус на одделување на здравствената, со комерцијалната дејност.

За време на вонредниот надзор минатитот месец, инспекторите затекнале тројца странски лекари кои немале дозвола за работа во државата. Според информации на Сител, Катлановска бања имала ангажирано и македонска лекарка која била без лиценца.