Македонија
15. May 2020 - 8:33

Повторно раст на новозаболени од Ковид-19, да се почитуваат препораките

Бројот на новозаболени од коронавирусот во државава повторно е во пораст. Вчера беа регистрирани 29 нови случаи, со што вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата, досега, достигна 1.723, бројот на починати е 95, оздравени се 1.235, а има и 393 активни случаи.

Најголем број дијагностицирани има во Скопје – 588 и 138 активни случаи, Куманово – 411 и 47 активни случаи, Прилеп –190 и 62 активни случаи, Тетово – 126 и 63 активни случаи…

Рестриктивните мерките се олабавуваат, почнаа да работат моловите (секој ден освен во недела, со работно време од 10 до 18 часот, но не е дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем на нарачка или достава), обложувалниците, автошколите, стоматолошките ординации… Се очекува Владата идната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.

Засега се уште не се размислува за скратување на полицискиот час, иако вчера Уставниот суд донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката за посебен режим за движење на помладите од 18 и на повозрасните од 67 години.

Со тоа, овие лица ќе можат да се движат како и останатите граѓани, од 5 до 19 часот. Досега повозрасните лица можеа да излегуваат само во периодот од 5 до 12 часот, а малолетниците од 13 до 19 часот. Владата ја донесе оваа Одлука со цел да се раздвојат овие двете групи граѓани.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција рече дека скринингот во градинките и официјално е почнат и додека не се сигурни оти вработените се негативни на брисевите, нема да се носи одлука тие да се отворат.

Тој појасни дека завчера се направени и финалните подготовки, а од денеска веќе се регрутирани вработените во градинките кои ќе бидат тестирани. Според министерот, отворањето на градинките уште претставува ризик, затоа што станува збор за сензитивна група, односно за малите деца.

– Градинките ќе се отворат сите во едно време затоа што тоа е битно и за враќање на граѓаните на работа. Не може да отвораме една по една градинка. Според сегашната проценка на капацитетите десетина дена би требало да трае скринингот, имајќи ги предвид вкупниот број на вработени во градинките, меѓутоа еве во следните недели како ќе почне тоа да се одвива може и да го надградуваме капацитетот на тестови во смисла на распоред по повеќе лаборатории. Нека почне денеска па следните денови ќе видиме. Мислам дека имаме сериозни шанси да го зголемиме бројот на тестови кои би се правеле во текот на еден ден па да заврши и за кратко време, додаде Филипче.

Коронавирусот нема да исчезне, посочуваат здравствените стручњаци и надлежните. Поради тоа граѓаните и натаму треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот кои вклучуваат задолжително носење заштитна опрема (маска, марама) со која ќе ви бидат покриени устата и носот, редовно миење на рацете или нивна дезинфекција и држење дистанца од два метра.