Македонија
11. October 2018 - 8:39

Повторно отворен Музејот на илегалната работилница за изработка на оружје во Скопје од НОВ

Културната понуда на Скопје е збогатена со Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), кој на 4 јануари годинава го отвори скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Музејот е лоциран на левиот брег на реката Вардар, зад Археолошкиот музеј на Македонија.

Посетителите во Музејот можат да ја погледнат постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ и да се запознаат со историјата на антифашистичко Скопје од авторот Зоја Богдоновска, виш кустос и историчар. За изложбата е изработен и двојазичен каталог (македонско/англиски), во издание на Музејот на Град Скопје. Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска поддршка на Град Скопје.

 

Историја на Меморијалниот музеј 

Во услови на окупација и полициски режим, во непосредна близина на кејот и зградата на Митрополијата, на улица „Пајкова“ број 2, формирана е првата илегална работилница во градот. Задачата околу формирањето и организирањето на работилницата им била доверена на Илија Јакимовски Илчо, Роберт Гајдик и Бранислав Шикиќ, а тие задачата му ја довериле на електромеханичарот Серафим Видовски кој имал работилница во дворот на својата куќа. Оваа скромна работилница прераснала во јадро на создавање на новата историја на градот и еден од симболите за отпорот на населението против окупаторот и неговиот терор. Куќата и работилницата го дочекале ослободувањето на Македонија и опстојале се до 1965 година, но со новиот урбанистички план и изградбата на Стопанската банка во комплексот на културните институции, тие биле урнати.

Со смислена реконструкција, водена од архитектот Александар Никољоски, Заводот за заштита на спомениците на културата на Град Скопје и Музејот на Град Скопје, поради историското значење на објектот, во целост ја зачувале автентичноста на старата работилница. Овој објект во 1981 година е пренаменет во Меморијален музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), како нем потсетник за хероите и борците кои пожртвувано се бореле и вршеле диверзантски акции врз надмоќниот фашистички окупатор за да ја ослободат нашата татковина.

Музејот

На 13 ноември 2017 година, на Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот Шилегов најави дека наскоро повторно ќе го отворат овој Музеј. Според него, Музејот неправедно бил затворен долги години поради реновирање.

- Некогаш познатата, а потоа заборавена илегална партизанска оружарница ќе биде отворена секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде полна со ученици од Скопје, истакна тогаш Шилегов.

Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електромеханичарски рачен и статичен алат. За време на окупацијата, тука е формирана првата илегална работилница за оружје во градот која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година. Во целосно зачуваната тајна работилница е сместена новата изменета и надополнета поставка, со нови содржини кои ги пренесуваат фактите за едно историско време особено значајно за историјата на градот.

Музејот влез

Оваа илегална работилницата била мошне скромно опремена со рѓосани делови на оружје: револвери, пушки, шмајзери и сл., но во неа се изработувале и боеви средства како конструкции на рачни бомби, пеколна машина, нагазни мини за железница и друго, кои „громогласните“ херои ги користеле во своите диверзантски акции.

Со новата изменета и надополнета поставка, чиј автор е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, и изложувањето на деведесетина зачувани музејски експонати се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди со времето на Втората светска војна.

Посетителитете заинтересирани за Музејот

Разговаравме со Валентина Петровска, кустос историчар за периодот од НОВ (1941-1944) од Музејот на Град Скопје, одговорна за изложените предметите кои се дел од збирката од НОВ. Таа не информира дека постои интерес за Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје. Посетителите почнале да доаѓаат веднаш по отворањето и во текот на учебната година, а летово Музејот не работел. Досега имале околу 500 посетители. Влезот е слободен, а посетителите се главно ученици од основните и средни училишта, студенти, има и странци кои ги посетувале околните музеи, а потоа и овој музеј. Ни појасни дека заинтересираните посетители треба да бидат во група, да се јават во Музејот на Град Скопје, а таа потоа се договара со нив за термин, кога им одговара.

посетители во Музејот

- Кога се отвори Музејот прво ги информиравме средните училиштата и организирано, преку професорите по историја, ни доаѓаа ученици. До јуни не посетија неколку училишта и генерално има интерес. Во Музејот можат да доѓаат ученици од основните, средните училишта, деца од претшколска возраст за кои се прилагодува програмата. Есенва очекуваме посети од сите нив, вели Петровска.

Според неа, старите скопјани и оние кои претходно го посетиле Музејот, кога прочитале дека повторно е отворен, доаѓаат и имаат коментари, пофалби дека сега е подобро. 

Валентина Петровска Музеј на Град Скопје

- Има луѓе кои го посетиле Музејот бидејќи беше отворен во 1982 година и функционираше до пред четири години. Потоа требаше да се реновира просторот, да се обнови поставката, да се модернизира. Поради реновирање и осовременување на музејската поставка, Музејот беше затворен и на 4 јануари го отворивме. Тоа е една приказна која се случува во историски период, во НОВ. Интересно е за посетителите тоа што Музејот е во оригинален и автентичен простор. Има ексопонати кои се поврзани со илегалната работилница, која функционирала во тој период. Во оригинален и автентичен простор е и подрумскиот дел, и покрај тоа што е тешко за одржување таков Музеј, во такви услови, вели Петровска. Посочи дека посетителите сакаат да погледнат нешто од тој период на Скопје. 

Таа додаде дека во Музејот на Град Скопје постои Одделение за едукација и преку одредени тематски работилници се работи на едукација на децата.

со посетителите во Музеј

- Музеите се создадени не само за да се види нешто, туку и да се научи, смета Петровска. Додаде дека поради недостиг на кадар, наскоро се очекува да биде вработен водич кој ќе работи во Музејот.

Алатките во работилницата 

Посетителите можат да погледнат оригинални предмети кои Серафим Видовски ги има подарено, а дел продадено на Музејот на Град Скопје за потребите на оваа работилница. Тоа се 96 предмети, електромеханичкарски алати, кои ги користеле работниците за поправка на оружјето. Од рачен алат има клешти, моторцангли, шрафцигери, разни видови клучеви – обични и машински, турпии, рачна електрична бор-машина... Од статичен алат има стабилна електрична бор-машина, електрично точило, електричен апарат за заварување, волтметар, амперметар..., се она што се користи во една електромеханичарска работилница.

Музејот во Скопје

Во Музејот се поставени телевизири на кои се прикажува целатата приказна, историјата на Град Скопје за време на НОВ. Има и таблети до секој експонат, со слика и опис на предметот. Поставени се витрини каде се изложени предметите кои биле изработени токму во работилницата на Серафим Видовски, но и од останатите работилници. Има и предмети од НОВ, кои не се поврзани со работилницата, но се од тој период, како ранец, торбичка за куршуми што ја носеле партизнаите.

Музејот

Во Скопје постоели и други илегални работилници за оружје во кои често се доработувале оружја за кои немало алат во работилницата на Видовски. Тоа биле работилниците на Бедрих Нолч Белка, Антон Паскалов, Богољуб Димитријевиќ, браќата Поповиќ, Стојан Лаврин, работилницата во импровизираната барака во лозјето на Мато Матовски во Козле и други.

На Скопје му недостигаше Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), чии содржини ги пренесуваат фактите за едно време особено значајно за историјата на градот Скопје во 40-тите години на 20 век. 

Магдалена Ристоманов/МИА

Ново на Сител