Македонија
24. January 2023 - 16:31

Повторно одложено рочиштето за „Ласкарци“

По една година пауза, денеска продолжи судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци. Пристигна супервештачењето, ама не дојдоа инженерите што го изработиле, па рочиштето се одложи. Роднините се сомневаат во намерно одолговлекување на процесот.

„Ласкарци“, се врати во судница. Машинско-сообраќајниот проект за автобуската несреќа што се чекаше цела година, денеска немаше кој да го презентира. Седумтемина инжинери биле зафатени, па судењето се одложи.

„Кај нас се создава огромен револт и сомнеж дека ова намерно се одолговлекува за да виновниците, убијците на 16 луѓе не ги стигне правдата“, изјави Благојче Трпевски, татко на загинатиот  Јовица Трпевски.

„За во четврток, судиите се согласија дека ќе бидат присутни вештаците, но, додека не се одржи тоа рочиште, не можеме да бидеме сигурни дали повторно ќе има судски процес“, изјави Синиша Ристевски, брат на починат.

Супервештачењето кое треба да ја утврди исправноста на автобусот и сообраќајните услови е напишано на 50тина страници. Поголем дел се фотографии, па според роднините, тоа нема да влијание врз случајот.

„Ова е само купување време на обвинетите. Мислат дека ќе ја избегнат правдата. Нема да ја избегнат, правдата ќе ги стигне и ќе одат во затвор“, вели Трпевски.

Во февруари 2019та се случи трагедијата со 16мина загинати и 30тина повредени. За несреќата обвинети се сопственикот на „Дурмо турс“, вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот. Им се суди повеќе од три години, а одговораат за тешки дела против безбедноста во сообраќајот.