Македонија
22. March 2016 - 14:19

Повторно одложена седницата на собраниската Комисија за политички систем

Седницата на собраниската Комисија за политички ситем и односи меѓу заедниците на која на дневен ред е Извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство денеска повтрно е одложена. Претседателот на Комисијата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев рече дека поради отсуство на Катица Јанева не се создадени деловнички услови за одржување на седницата и ја презакажа за утре во 13 часот.

Тој притоа изјави дека од собраниските служби бил информиран оти Јанева двапати била уредно поканета да присуствува на седницата на оваа Комисија, на што, вели, немало никаков одговор од СЈО.

Во изјавата по седницата Ѓорчев се повика на Уставот и нагласи дека Собранието е единствениот орган кој е надлежен да води контрола над сите  институции во државата меѓу кои и Советот на јавни обвинители и РСС и оти нема исклучок и не смее да има исклучок за ниту една институција, па ниту за СЈО.  Јанева, додаде, има уставна и законска обврска да биде присутна утре на седницата.

- Претседателите на Советот на јавни обвинители Костадин Кизов и Петар Аневски редовно присуствувале на седници на Собранието и поднесувале извештај за работата на институцијата со која раководат. Претседателите на Републичкиот судски совет секогаш се одѕивале на поканите и дискутирале со пратениците на седници на Собранието на Република Македонија. Народниот правобранител секогаш е присутен на седница на Собрание кога разгледуваме Извештај за неговата работа. Во ниту еден материјален закон не е напишана, како за првачиња, обврска да бидат лично присутни пред Собранието за сите овие и многу други јавни функционери, но никој до сега не се обидел да го прекрши Уставот на Република Македонија. Сите доаѓаат кога се поканети и одговараат за својата работа пред Собранието на Република Македонија како највисок дом на оваа држава, рече Ѓорчев.

Според него, доколку Катица Јанева или претседателите на Советот на јавни обвинители, на РСС, Јавниот обвинител, Народниот правобранител и други вршители на вакви функции не одговараат пред Собранието преку своите извештаи или во форма на одговори на пратенички прашања, во оваа држава ќе настане самоволие и кршење на основните принципи на владеење на правото и правната држава. Зборуваме, рече, за основните елементи на поредок во една држава.

- Жалам што СДСМ е адвокат на госпоѓата Катица Јанева и се обидува да го оправда нејзиното недоаѓање на седница на Комисијата и повтори дека и за денешната и за седницата во понеделникот била испратена уредна покана до Јанева, за што постојат и докази, како и дека се неточни тврдењата дека не добиле покана.

Според него, Комисијата за политички систем, но и сите други комисии и работни тела кога разгледуваат каков било материјал мора да држат седница исклучиво во присуство на подносителот на материјалот. Тоа секогаш се почитувало и се барало од страна на сите пратеници без разлика на која партија припаѓаат, рече Ѓорчев и изрази надеж дека таа утре ќе дојде на седница. 

Потпретседателката на Собранието и пратеник на СДСМ Рената Треневска Десковска, пак, изјави дека со непочнување на дебатата по Извештајот на СЈО дополнително се трошат буџетски пари.

- Неделовничкото однесување на Ѓорчев го чини пари ова Собрание, меѓу другото и патни трошоци на пратениците кои вчера и денеска дојдоа за седницата која не ја ни започна, рече Треневска Десковска, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ бега од дебата за Извештајот на Јанева, но и на Зврлевски.

Таа посочи и дека во текот на преговорите за СЈО, СДСМ барал Специјалната обвинителка да поднесува извештаи за работата на пократок  рок, а од спротивната страна се барало на шест месеци. Треневска Десковска додава дека претпоставките биле дека Собранието ќе се распушти на 15 март и оти Извештајот на СЈО нема да се најде пред пратениците.

- Денеска уште еднаш го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да не ја оневозможува дебатата по Извештајот на Јанева, доставен до Собранието пред една недела, а воедно да се стави на дневен ред и Извештајот на Зврлевски доставен пред  девет месеци.  Воедно, го повикуваме Ѓорчев да си го прочита членот 121 од Деловникот и да постапува во согласност со него,  рече Треневска Десковска и појасни дека со овој член јасно се уредува кој мора да биде присутен на седница на работно тело, кој не мора, кој може да биде повикан, но не мора да присуствува.

На почетокот од седницата со едноминутно молчење беше оддадена почит на жртвите од денешните терористички напади во Брисел, но и на загинатите во терористичките напади што се случија деновиве во Анкара и во Истанбул.