Свет
29. August 2015 - 9:06

ОН повторно ја критикува Чешка за дискриминација на Ромите

Комитетот на Обединетите нации за елиминација на расната дискриминација во најновиот Извештај повторно ја критикува Чешка за сместување на ромското население во гета, за преголема невработеност на Ромите, како и за манифестирање на исламофобијата.

Во редовниот периодичен извештај, Прага исто така е критикувана и за држење на барателите на азил во несоодветни услови, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.

Комитетот изрази загриженост и за значително зголемениот број, речиси двојно за 10 години, на социјално исклучените општини, каде ромското население е мнозинско.

Извештајот предупредува дека животот во таквите исклучени локалитети имаат негативно влијание на вработеноста на Ромите, квалитетот на нивното живеење, здравствената заштита, образованието и другите јавни служби.

Токму затоа, на чешката Влада и се препорачува да ги казнува општините кои дискриминираат или сегрегираат.

Загриженост се изразува и за несразмерно високата стапка на невработеност кај Ромите, особено ромските жени и младите луѓе и се препорачува поддржување на нивни вработување во јавниот и приватниот сектор.

- Ромските деца и натаму се одвојуваат во образовниот систем, а многу од нив завршуваат во чисто ромски или речиси ромски училишта поради вкоренетите негативни предрасуди кон нив, како и неподготвеноста на образовните власти и „неромските“ родители да ги запишуваат своите деца во училишта со ромски деца, се вели во Извештајот на ОН.

Комитетот препорачува, чешката Влада да ги преземе сите неопходни мерки за да се обезбеди останување на ромските деца со останатите ученици во редовните училишта.

Државата, исто така, треба да се соочи со негативните перцепции за ромските деца меѓу наставниците, образовните органи, како и меѓу „неромските“ деца и нивните родители.

Комитетот ги поздравува неодамнешните одлуки на Чешка за отстранување на дискриминацијата, како што се Стратегијата за интеграција на Ромите до 2020 или Стратегијата за миграциска политика.

Втората област на критиката се однесува општо на интензивирање на манифестациите на нетолеранција против странците во Чешката Република и однесувањето на властите кон барателите на азил.

Во извештајот се предупредува на „ширење на предрасудите и стереотипите кои преовладуваат кон бегалците и барателите на азил, особено меѓу младите луѓе, како и напаѓање на оние кои ги бранат правата на странците“.

ОН се загрижени за ширењето на исламофобијата преку организирање на групи како што е актуелната „Не сакаме ислам во Чешка!“

Во Извештајот се вели и дека „медиумите непотребно често ја нагласуваат етничката припадност и националноста на странците кога се работи за кривични дела“.

На Чешка и се забележува и дека наводно и недостасуваат сигурни социо-економски податоци кои се однесуваат на етничките малцинства и странци, како и малата надлежност на Народниот правобранител.