Повторен колапс на електричната мрежа во Куба, третпат во девет дена целиот остров остана без струја

Куба синоќа повторно остана без струја, откако по третпат овој месец целосно падна електроенергетската мрежа во земјата, соопшти кубанското Министерство за енергетика.
„Енергетскиот систем е целосно исклучен“, објави Министерството на платформата „Икс“, додавајќи дека веднаш биле активирани процедурите за обновување на снабдувањето со електрична енергија.
Подоцна беше соопштено дека дефект во блок на една од термоцентралите предизвикал прекин на националната електропреносна мрежа. Снабдувањето со електрична енергија постепено било обновувано во различни делови од земјата.
Ова е третпат целосно да колабира електроенергетскиот систем на Куба овој месец. Претходните големи прекини се случија во петокот и на 6 јули, што дополнително ја потенцира сериозноста на енергетската криза во земјата.
Куба со години се соочува со проблеми во енергетскиот сектор поради застарената инфраструктура, честите дефекти на термоцентралите и недостигот на гориво. Повеќето електрани се изградени пред повеќе децении и работат со намалена ефикасност, што доведува до чести прекини.
Кубанската Влада причините за кризата ги поврзува со американското трговско ембарго и санкциите воведени од Вашингтон. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во јануари најави можни мерки против земјите што извезуваат гориво за Куба, по што испораките од странство значително се намалија.
Вашингтон продолжува со политика на притисок врз Хавана, барајќи економски и политички реформи. Во понеделникот САД го додадоа кубанското Министерство за туризам, еден од клучните извори на приходи за земјата, на списокот санкционирани субјекти.
МИА
Ново на Сител
-

Американски судија ги блокираше ограничувањата на Трамп за времетраењето на визите за странски студенти и новинари
-

Мицкоски со владина делегација во САД: Планирани средби на високо ниво, со државници и финансиски институции
-

Генерал Лафчиски на 29. Конференција на началниците на Генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба
-

Бил Гејтс: Поради отпорот кон вакцинацијата, искоренувањето на сипаниците повеќе не е остварлива цел
-

Пентагон за првпат призна недостиг од муниција во војната против Иран
-

Лагард: Европа мора да развие сопствена вештачка интелигенција или ризикува да биде отсечена од САД или Кина
-

САД потврдија дека располагаат со оружени системи во орбитата
-

ЕУ планира забрана за социјални мрежи, четботови и онлајн-игри за деца под 15 години
