Македонија
17. November 2018 - 19:25

Повредениот гимназијалец од Штип се уште во критична состојба

Од наредната недела ќе започне изградба на кружен тек на булеварот „Гоце Делчев“ во Штип, за да се спречат во иднина сообраќајните несреќи. Ова им го вети штипскиот градоначалник на родителите на учениците во СЕМУ „Коле Нехтенин“ кои протестираа поради прегазувањето на 15 годишниот средношколец во време кога отишол да си купува храна на големиот одмор.

-Со тој кружен тек ќе успееме генреално да го решиме овој проблем, бидејќи ќе дојде до смирување на сообраќајот-изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Љупка Христова е родител на две деца кои учат во ова училиште. Верува дека, локалната власт ќе го одржи ветувањето.

-Се договоривме да разговараме сите заедно за доброто на нашите деца-изјави Љупка Христова, родител.

Додека траат градежните работи се преземаат и други мерки за зголемување на безбедноста на учениците.

-Во договор со полицијата на секој голем одмор веќе има полициска контрола, а во поголемиот дел додека трае наставата има полициска контрола-изјави Дејан Павлов, директор на СЕМУ,,Коле Нехтенин“ - Штип.

Инаку, здравствената состојба на прегазениот средношколец и по извршените операции на главата, се уште е лоша. Од пред 4 дена е пренесен на скопските клиники.