Македонија
27. јуни 2016 - 16:07

Повисока капитација за матичните лекари од први јули за зголемување на стимулот за работа

Од први јули матичните лекари ќе земаат повеќе пари од фондовската каса. Капитациониот бод ќе им биде зголемен од 50 на 55 денари, односно за 10 проценти.

Тоа ќе значи зголемување на поквалитетна здравствена заштита на пациентите, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој рече дека ги исполнуваат дадените ветувања и покрај кризата во државата.

Како прв столб во здравствениот систем, бенефит од оваа мерка ќе имаат околу 1600 тимови на матични лекари кои работат во 1086 ординации со кои Фондот има склучено договор.

 – Се работи за средства од 188 милиони денари или нешто над 3 милиони евра на годишно ниво нешто што додатно ќе ги мотивира и ќе ги стимулира и охрабри над 1.600 тимови на матични лекари кои работат ширум Република Македонија. Тоа беше наше ветување и тоа ветување ќе биде реализирано. Тоа покажува дека ќе се реализира ветеното зголемување за 10 проценти и покрај сите проблеми со кои во моментот се соочува државата, а се предизвикани од политичката криза која пак е предизвикана од опозицијата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола  Груевски.

Ова ветување беше дадено во декември минатата година од страна на министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на Фондот Стефановски. На почетокот на годината поголема капитација добија стоматолозите а за три дена ќе имаат и матичните лекари.

Здравствените власти велат дека примарната заштита е првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и има посебно значење  за целокупното лекување и следење на здравствена состојба на пациентот. Кај матичниот лекар секој осигуреник треба да добие квалитетна здравствена услуга и  рано откривање на определени заболувања што е од огромно значење за превенцијата.

Во Македонија над  еден милион и 700 илјади  осигуреници имаат избрано матичен лекар и оваа бројка е со континуиран пораст од година во година. Во просек секој матичен лекар има 1159 пациенти за кои Фондот исплаќа 104.367 денари.