Македонија
16. September 2016 - 11:50

„Повелба на Република Македонија“ за Сојузот на здруженијата на пензионерите

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија,  по повод 70 години од пензионерското организирање.

- Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни чинители на општествените текови, истакна Иванов.

Сево ова, како што додаде, на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верифицирано од нашето општество.

- Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството, рече претседателот.

Според него, Повелбата на Република Македонија е и признание за сите пензионери за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија. - Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите, додаде Иванов.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски во обраќањето на свечената академија рече дека оваа Повелба значи признание за 250 илјади пензионери, како и за седумдецениската историја на пензионерското организирање во Македонија. 

Аргировски во оваа прилика ги наведе активностите на здруженијата на пензионери на полето на културата и уметноста, особено во музиката, како и спортските пензионерски натпревари на локално, регионално и државно ниво.

На свечената академија свој настап имаа и ансамблите на здруженијата на пензионери од Гази Баба, Солидарност-Аеродром, Центар, Чаир, Ѓорче Петров и Кисела Вода.

Признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија се доделува по повод 70 години од основањето како самостојна и автономна организација, а особено за постигнатите резултати во својата долгогодишна дејност преку многубројните активности за афирмирање на статусот и за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите од Република Македонија.