Македонија
17. December 2015 - 8:23

Повелба „Блаже Конески“ за академик Матеја Матевски

Во Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне ќе му биде врачена Повелба „Блаже Конески“ на академик Матеја Матевски. Високото признание на академик Матевски ќе му го врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на добитникот ќе зборува академик Георги Старделов.

- Бардот на македонската поезија, академик Матеја Матевски, е прв добитник на Повелбата „Блаже Конески“ што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, со трајни белези во развојните процеси на македонската литература и со значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот. Повелбата неодамна ја востанови ДПМ во знак на чествување на големиот поет и прв претседател на македонската писателска асоцијација Блаже Конески. Повелбата ќе се доделува на секои пет години, информира ДПМ. 

Свечениот собир ќе биде збогатен со музичка програма на гудачкото дуо Наташа Диденко, (виолина) и Александра Јаневска (виолончело).

Матеја Матевски (Истанбул, 1929) е автор на богат и значаен поетски опус. Првата стихозбирка, „Дождови“, ја објавил пред 60 години, смело афирмирајќи ги новите модернистички тенденции кои оттогаш до денес се проткајуваат во сите важни фази од развојот на современата македонска литература. Неговата поезија е презентирана во посебни книги на 25 јазици во светот.

За своето творештво Матевски е добитник на врвни книжевни награди што се доделуваат кај нас и во светот, меѓу кои и на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Матеја Матевски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година. Бил претседател на ДПМ и на Македонската академија на науките и уметностите.