Македонија
17. March 2016 - 17:41

Повеќенаменски игралишта и обнова на улици во Ѓорче Петров

Во Општина Ѓорче Петров во населбата Дексион денеска беше ставен камен-темелник на повеќенаменско игралиште, додека во населбата Даме Груев беше пуштено во употреба исто вакво игралиште. Повеќенаменското игралиште во населбата Дексион ќе чини околу девет милиони денари и ќе биде завршено за неколку месеци. 

Игралиштето во Даме Груев, кое исто така е повеќенаменско, чини над 8,5 милиони денари и е дел од проектот на Владата за изградба на 100 повеќенаменски игралишта.

На ставање на камен -темелникот на новото игралиште во Дексион и на пуштањето во употреба на новото игралиште во Даме Груев присуствуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој овие посети ги искористи за средби со граѓани. Груевски имаше средби со граѓаните на населбите Дексион и Даме Груев и на селата Волково и Орман.  

Во Дексион граѓаните се интересираа за деталниот урбанисточки план во населбата Јурија, односно за легализација на некои објекти во овој дел на Ѓорче Петров. Овие граѓани во понеделник треба да одат на средба со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски која беше договорена денеска. Мисајловски го придружуваше Груевски на овие средби со граѓаните, како и градоначалниците на Град Скопје и на Општината Ѓорче Петров.

Граѓаните на средбите се интересираа и за проширувањето на булеварот „Партизански одредби“ што практично значи поврзување на општината Ѓорче Петров со останатиот дел од градот. Градоначалникот на Скопје информираше дека се очекува тоа проширување да заврши до почетокот на јули годинава.

Исто така, граѓаните бараа што поскоро асфалтирање на некои од улиците во оваа општина. Притоа градоначалникот на Ѓорче Петров Митровски информираше дека во тек е асфалтирање на 15 улици и дека се работи исто така на тампонирање и доуредување на одредени улици и краци на улици во оваа општина.

Во населбата Даме Груев, каде што беше пуштено во употреба 56. повеќенаменско игралиште од проектот на Владата имаше голем интерес од страна на граѓаните во врска со прашања од локален карактер, но и прашања во врска со легализација на нивните домови.

Граѓаните упатија прашање за реновирање на детските игралишта во оваа населба и побараа да се ангажира компанија која што постојано би ги одржувала. Градоначалникот Митровски одговори дека во блиска иднина сите игралишта во општината ќе бидат обновени. - За еден месец сите игралишта во Ѓорче Петров ќе бидат реновирани. Имаме одбрано фирма. До крајот на април сите игралишта ќе бидат реновирани, рече градоначалникот Митровски.

Градоначалникот на Ѓорче Петров информираше дека во општината има три индустриски зони, донесен е урбанистичкиот план и се продаваат локации.  

Локација за изградба на куќи во рамки на проектот „Купи куќа за млади“ во Општина Ѓорче Петров има во населбата Стопански двор и тоа за изградба на 230 куќи. 

Груевски заедно со Мисајловски, Трајановски и Митровски беше и во Волково и Орман. 

Во Волково граѓаните истакнаа дека имаат потреба од доградба на училиштето и градинка, имајќи предвид дека во овој дел од Општина Ѓорче Петров има речиси 20.000 жители и многу деца. 

- До крајот на годината ќе почне доградбата на училиштето во Волково, рече Груевски пред граѓаните. 

Во однос на барањето за градинка, Митровски рече дека делбениот биланс меѓу Владата и Телеком не бил завршен и оти не може да се земе просторот на поранешниот нивен објект кој би можел да се адаптира за градинка со капацитет од 100 деца. 

Граѓаните исто така побараа да продолжи изградбата на канализација во Волково и да се доуреди улицата која води до црквата во Волково. 

- Проектот за канализацијата не е замрен и ќе се обидеме да биде завршен до крајот на годината, рече градоначалникот Митровски.  

Жителите од Волково побараа нови тротоари и нови автобуски постојки. Трајановски рече дека уште еден дел од главната улица која минува во Волково останал за ставање тротоари. 

Митровски најави изработка на проект за реконструирање на патот од центарот на Волково до манастирот Свети Ѓорѓи во Кучково, кој ќе се бара да влезе во програмата на ресорните министерства за 2017 година.

Во селото Орман, жителите изразија задоволство од изградбата на пристапната улица во селото, кое има над 300 жители со 80 куќи. Патот кој минува низ селото оди до соседно Никиштани.

Жителите побараа да се направи мини брана за водата од каналот што се користи за наводнување на земјоделските површини. Браната е на реката Лепенец, на околу еден километар од селото. 

- Целиот локалитет тука е приватно земјиште и ќе треба да се најде решение. Ќе треба да се направи експропријација на земјиштето и во соработка со Водовод, рече Митровски. 

Времениот зафат, како што кажа директорот на ЈП Водовод и канализација Александар Атанасов, ќе се направи до 10 мај. - Од 1 април почнуваат со работа сезонските работници и ќе почне чистењето на каналите, но не можеме да влегуваме во приватни имоти, рече Атанасов.