Македонија
12. December 2018 - 10:45

Повеќе предлог закони од правосудството на дневен ред на 108. Владина седница

Пакет закони предложени од Министерството за правда се меѓу точките на дневен ред на денешната 108-ма Владина седница.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, министрите ќе одлучуваат за предлог – законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на законот за судовите, законот за Судскиот совет, законот за извршување на санкциите и за предлог – законот за изменување и дополнување на законот за прекршоци.

Предложените законски решенија, како што изјави вчера министерката за правда Рената Дескоска, се усогласени со добиените препораки од Венецијанската комисија. Клучните измени во делот на Законот за судови се однесуваат на дисциплинските постапки на кои укажувала Венецијанската комисија уште во 2015 година, но досега не биле имплементирани.Измените во Законот за Судски совет, пак, се однесуваат на одговорноста на членовите на Советот за нивното работење, а се поедноставуваат одредбите за постапките за дисциплинска одговорност и разрешување на судии.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за потребата од донесување закон за изменување и дополнување на Законот за поштенски услуги.

За седницата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја предлага информацијата за распишување јавен повик за прибирање понуди за давање во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до три хектари, со предлог – решение, стои во соопштението.