Свет
15. February 2017 - 16:47

Повеќе членови од тимот на Трамп имале контакти со руски разузнавачи

Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли обвинувањата дека членови на тимот што ја водеше неговата изборна кампања, имале „бројни контакти“ со руски разузнавачи.

- Станува збор за навистина бесмислени тврдења, напиша Трамп на својот налог на Твитер, преку кој и натаму најчесто комуницира со јавноста.

Според претседателот на САД, позагрижувачко од се досега е тоа што продолжуваат да се одлеваат информации низ Вашингтон.

Реакцијата на Трамп доаѓа непосредно по откритието на „Њујорк Тајмс„ дека американските разузнавачки агенции пресретнале комуникација меѓу негови советници и Москва, во истото време кога безбедносните агенции го открија хакирањето на седиштето на Демократскиот национелен комитет.

Весникот цитира четворица американски функционери, кои тврдат дека агенциите испитуваат дали штабот на Трамп во време на изборите била „во договор со Русите“, околу хакирањето или за други средства со кои би се влијаело на изборите.

Трамп смета дека целата оваа кампања, како што тој ја нарекува, е раководена од „слепа омраза“ и со цел „да се покријат погрешните и губитничките потези“ на изборниот штаб на неговата противкандидатка Хилари Клинтон.

Медиумите меѓутоа тврдат дека „повеќе советници“ имале речиси редовни контакти со Русите во текот на кампањата на Трамп минатото лето и есен, што доведе до првата оставка во новата Администрација на претседателот.

Советникот за национална безбедност Мајкл Флин мораше да се повлече од функцијата, само три недели по неговото формално именување, иако важи за еден од најблиските и најлојалните поддржувачи на Трамп.

Луѓето околу претседателот оставката ја објаснуваат како „прашање на доверба“, но според медиумите, Флин морало да биде жртвуван за да се зачува угледот на потпретседателот Мајкл Пенс, откако и самиот призна дека излажал во врска со средбите што ги имал со рускиот амбасадор во Вашингтон и за разговорите околу санкциите кон Русија.

Демократските политичари, но и низа арепубликанци, сега бараат натамошна истрага околу тоа што навистина зборувал Флин со рускиот амбасадор и какви биле неговите врски со Москва.

Демократските конгресмени бараат од Министерството за правда и од Федералното истражно биро (ФБИ) да му ги достават на Конгресот доверливите материјали околу случајот со доскорешниот советник за национална безбедност.