Македонија
4. May 2019 - 15:49

Повеќе болни и изнемоштени гласаа во Тиквешко, споредено со првиот круг од претседателските избори

Без проблем гласаа болните и изнемоштените во четирите општини од Тиквешијата, информираа претседателите на општинските изборни комисии. Нивниот број е поголем отколку во првиот круг од претседателските избори.

Во Кавадарци гласаа 78 болни и изнемоштени, наспроти 55 во првиот круг. Во избирачкиот список се запишани 32.151 лица со право на глас, а утре ќе се гласа на 60 избирачки места.

Во Неготино своето право на глас го остварија 66 лица со право на глас, 22 повеќе од првиот круг. Утре ќе се гласа на 28 избирачки места, а во избирачкиот список се запишани 15.821 избирачи.

Вкупно четириесет и четири болни и изнемоштени гласаа денеска во Демир Капија, 11 повеќе од првиот круг. Утре 11 избирачки места ќе бидат отворени во Демир Капија за 3.331 лице.

Во Росоман согласно Избирачкиот список се евидентирани 3.358 граѓани со право на глас,  на 10 избирачки места. Денеска гласаа 29 болни и изнемоштени избирачи со право на глас, а во првиот круг своето право на гласање го искористија 13 лица.