Македонија
13. јуни 2020 - 11:45

Потврдени четири нови случаи на Ковид-19 во Охрид

Неделниот билтен што го објави Центарот за јавно здравје од Охрид што ги опфаќа општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа покажува дека во периодот од 6 до 12 јуни во Охрид лабораториски е дијагностицирано присуство на Ковид-19 кај 43 лица од Охрид, 26 лица од Струга и три лица од Дебар. Кога ќе се анализираат последните податоци, од почетокот на епидемијата во Охрид се регистрирани вкупно 59 случаи лица позитивни на Ковид-19 што значи се потврдени четири нови случаи на коронавирус.

Колкав ќе биде бројот нови потврдени случаи на лица позитивни на Ковид-19 во Охрид за изминатото деноноќие ќе треба да се почека на податоците што ќе ги објави денеска Министерството за здравство, затоа што таму се опфатени и разултатите од тестирањата спроведени во приватните лаборатории.

Во неделниот билтен уште е регистриран и првиот смртен случај во Охрид. Вчера попладнето во болница починало лица од Охрид родено 1932 година, а направените анализи потврдиле дека починатиот бил позитивен на тестот за Ковид-19.

Изминатата седмица се земени материјали за тестирање од вкупно 175 лица и тоа 101 примерок од општините Охрид и Дебрца, 59 од општините Струга и Вевчани и 15 примероци од општините Дебар и Центар Жупа. Од вкупно земените материјали, 83 се земени по епидемиолошки индикации односно од лица кои исполнуваат критериуми за дефиниција на случај, (Охрид и Дебрца 51, Струга и Вевчани 17, Дебар и Центар Жупа 15), а 92 материјали се земени при скрининг тестирањето со упат од матичен лекар – преку мој термин  и тоа Охрид и Дебрца 50, Струга и Вевчани 42.

Кога станува збор за Охрид, од градот на домашно лекување се 25 пациенти додека девет лица се хоспитализирани, додека во Струга 22 пациенти се на домашно лекување и четворица хоспитализирани.

Со последните податоци, во Охрид моментално има 42 активни случаи на Ковид-19, во Струга 46, а во Дебар пет.

Раководителот на Центарот за јавно здравје во Охрид Сашо Точков повторно упати предупредување до населението дека епидемијата од коронавирусот се уште трае, оттаму и апел до граѓаните на претпазливост, одговорност и разум во однесувањето.

– Неопходно е да бидеме трпеливи и да ги почитуваме мерките и препораките од надлежните установи за правилна употреба на заштитна маска, социјално и физичко дистанцирање, често миење,дезинфицирање на рацете, избегнување на било какви собири и групирање, изјави Точков.

Инаку, од почетокот на епидемијата на коронавирусот досега се потврдени 232 случаи на Ковид-19 во општините под надзор на Центарот за јавно здравје во Охрид и тоа кај 59 лица во општините Охрид и Дебрца, 117 лице во општините Струга и Вевчани и 56 лица во општините Дебар и Центар Жупа.

Со оглед што капацитетите на прифатниот центар за инфицираните лица во Битола е исполнет, заболените со Ковид-19 од регионот ќе бидат сместувани во Општата болница во Охрид. На Инфективното одделение ќе се примаат пациенти со лесна клиничка слика, додека на Одделението за геријатрија ќе се сместуваат само сомнителни случаи. Максималниот капацитет на охридската болница е третман на 18 пациенти. Инаку во болницата во Охрид моментално се хоспитализирани пет лица заболени од коронавирус.