Бизнис
9. March 2019 - 16:27

Потврден кредитниот рејтинг ББ

Стандард и пурс го потврди кредитниот рејтинг ББ-, со стабилен изглед. Во извештајот се вели дека решавањето на спорот со името е позитивен чекор кој ги отвора вратите кон НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Тоа, според агенцијата, би можело да ги забрза структурните реформи.

Враќањето на политичката стабилност е значајно за забрзувањето на динамиката на економскиот раст. Се очекува растот во наредните три години да изнесува околу три проценти во просек. Агенцијата очекува раст на инвестициите како резултат на подобрената политичка стабилност и забрзување на капиталните инвестиции.

Негативните ризици, пак, доаѓаат од надвор. Најголем ризик е забавувањето на растот во Европа и американските царини за увоз на автомобили.

Од Финансии велат, извештајот ја оценува како позитивна неодамнешната пензиска реформа и управувањето  со јавните финансии.

-После подолг период на раст во минатото, се оценува дека долгот постепено ќе се стабилизира и ќе изнесува 48,7 проценти од БДП во 2021-2022 година, соопшти Министерството за финансии.

Експертите тврдат дека со излегувањето од политичката криза имаме постабилни институции, па компаниите се охрабруваат да инвестираат. Но, партиите ќе мора да внимаваат на реториката за време на претстојните претседателски избори. Главен проблем, како и секогаш се кревките меѓуетнички односи во државата.

-Покажуваме дека сега полека излегуваме од таа политичка криза. Имаме постабилни институции инвеститорите и приватниот сектор имаат поголем оптимизам за инвестирање на нивните средства и планираат да ги реинвестираат нивните пари тука во Македонија. Оваа година еве имаме избори и ако имаме порадикален пристап на самите политички партии, тоа е многу лоша порака за самите инвеститори за да не инвестираат, бидејќи ова е кревка држава, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Сепак, доколку властите сакаат да го подобрат рејтингот ќе мора навремено да ги имплементираат реформите за зајакнување на институционалната поставеност и да ги подобрат економски изгледи. Влошување може да дојде доколку повторно имаме политички тензии или забавување на темпото на реформи што ќе има негативен ефект врз растот и странските инвестици, но и во случај на фискална недисциплина.