Македонија
24. April 2021 - 21:16

Потребни се обуки за дигитално описменување на земјоделците

Потребно е поголемо дигитално описменување на македонскиот земјоделец. Дури и во ова време на пандемија кога луѓето гледаат сите работи да ги завршат преку интернет како што се одржување состаноци, обуки, плакање сметки онлајн, тоа не е случај со македонскиот земјоделец. Традиционалните начини на поднесување документи на шалтер, гужвите пред банки за подигнување на пари, гужвите за наплата на сметки и недовербата во модерните технологии останаа. Од „Рурална Коалиција“ која направила истражување на оваа тема велат дека се потребни итни обуки за земјоделците за користење на модерните технологии, затоа што дури и банкарските картички не ги користат како што треба.

„Сепак ја користат најмногу за вадење на пари од банкомат, а дека најголемиот дел од сите други услуги ги вршат на шалтерите.  Ако имате од 96.000 до 98.000 земјоделци кои аплицираат за субвенции само 10.000 од нив минатата година аплицирале електронски. Не се доволно сигурни во себеси за неопходните познавања, за да може да го поминат тој цел процес електронски“, истакна Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална Коалиција“.

И земјоделците се согласни дека се потребни обуки од овој тип, затоа што досега нив ги немало.

„Се уште се оди на шалтери за поддавање на субвенции или за било какви други потреби, се смета тоа за посигурно да не направат некоја грешка и затоа тоа им е еден посигурен начин на одење. Не се едуцирани едноставно кажано“, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

„Јас гарантирам дека ниту еден земјоделец над 55 години не знае тоа да го работи“, рече Злате Даноски, претседател на здружение на тутунарите од Прилеп, „Мице Козар“.

„Преферираме кеш пари да земиме, ни е страв од тие картиците, да не ја заборавиме, па да не ни ја „лапни“ банкоматот, па после пак оди во банка“, кажа Марјан Димкоски, земјоделец од село Ново Селани.

Од министерството за земјоделство во Прилеп пак велат дека бројот на земјоделци кои ги користат овие алатки секоја година бил се поголем. Се воведила можноста преку интернет страницата на катастарот секој земјоделец да може да провери која е парцела е државна и и дали може да ја земи под закуп. Се поставиле и две агрометереолошки станици и од кои преку едноставна апликација на телефонот наречена метеобот можело да се добијат голем број информации.

„Тие агрометереолошки станици собираат податоци наназад за цела година. И така што наредната година ние можеме да имаме информација за цел регион, исто така земјоделците ќе ја имаат таа информација, колку има влажност, колку има ветер, колку има сонце, која култура би била најпогодна да се насее во тој регион“, вели истакна Зоран Пачешкоски, раководител на МЗШВ Прилеп.

Од Рурална Коалиција пак велат дека дел од овие електронски аплицирања треба да се поедностават, а дел и да влезат како закоснки решенија за да може полека да се подигнува степенот на дигитална писменост на македонскиот земјоделец.