Македонија
17. November 2017 - 16:04

Потребна поголема промоција на можностите за заштита преку Народниот правобранител

 

Потребна е поголема промоција на Народниот правобранител и негово доближување до граѓаните за да може да се запознаат со моќта што ја има наспроти државата и државните институции, е главната порака на третиот Извештај на проектот граѓански мониторинг на народниот правобранител „Омбудсманот меѓу институциите и граѓаните“ што беше промовиран во Струмица.

На презентацијата на резултатите присуствуваше народниот правобранител Иџет Мемети кој посочи дека со новиот закон се зголемуваат можностите на институцијата.

- Факт е дека граѓаните се уште недоволно перцепираат како институцијата Народен правобранител може да им помогне, и може да им парира на властите. Власта има одбојност, но ние мора да се наметнеме, мора да ја одиграме нашата улога. Верувам дека со новиот закон и новите можности што ги дава ќе ни овозможи да бидеме национална институција каква што треба.  Зошто со стариот закон немавме можност  да промовираме зошто немавме и пари. Не може да биде национална институција, ако нема можности да промовира, а за тоа треба и луѓе и средства, рече Мемети.

На новинарско прашање, Мемети одговори дека со Буџетот за 2018 година, за жал немаат средства за промоција.

-По однос на промоција на институцијата, да ги доближи граѓаните до правната регулатива, во нашето општество немаме добиено никакви средства. Треба да промовираме со донации и проекти што не е во ред. Во делот на зголемување на кадровските капацитети и подобрување на условите сме добиле средства, но не колку што бараше законот. Бев принуден да прифатам решенија кои министерот за финансии ги нуди, рече Мемети.

Од НВО инфо центарот кој заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, го спроведува проектот, велат дека истражувањата на терен во регионалните канцеларии на Народниот правобранител, активисти на граѓанското општество и новинарите покажале дека треба да биде имуна на политички и партиски влијанија, со сопствен буџет и поголеми кадровски капацитети.

- Правобранителот мора да биде отпорен на какви и дабило и на секакви политички и партиски влијанија, дека мора да има сопствен независен буџет, мора да се работи повеќе на градењето на човечките капацитети внтаре во иснтитуцијата, и мора да се работи и на нови вработувања, бидејќи тековните се недеволни или прилично слаби, но и на надградба на капацитетите на луѓето кои што работат таму, рече Билјана Бејкова, од НВО „Инфо центарот“.