Македонија
6. November 2017 - 15:18

Потребна поголема финансиска едукација на децата за просперитет на економијата

 
Финансиската едукација на населението, особено на најмладите треба да се поттикнува, бидејќи тоа е важно за стабилноста на финансискиот систем и просперитет на економијата. 
 
Ова беше пораката од министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерот на НБРМ Димитар Богов и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски по повод Денот на штедењето - 31 Октомври упатена на денешното доделување на наградите на Конкурост објавен по тој повод.
 
Според министерот Тевдовски децата се иднината на земјата и секој кој е во позиција да донесува одлуки треба да води сметка за нивната иднина.
 
- Треба да им предочиме на децата дека штедењето е важно, бидејќи тоа е основа за развој на македонската економија, истакна Тевдовски.
 
Гувернерот Богов посочи дека во насока на зголемување на финансиската едукација на младите Народната банка има потпишано меморандум за соработка со Бирото за развој на образованието што ќе отвори поголем простор за соработка со училиштата и учениците.
 
Тој најави дека наскоро ќе биде објавен и водич за финансиска едукација за најмладите.
 
Климе Попоски од АСО потенцира дека децата се носители на севкупниот економски и финансиски развој на РМ и оти раната финансиска едукација претставува клучен фактор за долгорочниот одржлив развој на финансискиот систем.
 
Во развиените земји степенот на финансиска едукација е 65 проценти, а во новите земји членки на ЕУ тој процент на финансиска едукација кај населението над 18 години изнесува 22 проценти.
 
На конкурсот интерес пројавиле голем број ученици. Доставени се вкупно 780 творби, од кои 301 литературна и 452 ликовни творби. Пофалници и награди беа доделени на 24 творби