Македонија
14. May 2022 - 21:20

Потребна е санација на примарната водоводна мрежа во Штип

Триесет километри примарна водоводна мрежа во Штип ќе мора да се санира, за да го издржи притисокот од новите количини вода кои се дистрибуираат од ХС „Злетовица“. Се работи за замена на азбесно цементни цевки постари од 50 години. 

-Тоа е долгорочна инвестиција, која не може во една година финансиски да се издржи, така што ние заедно со локалната самоуправа сме решени да инвестираме, што се вели, под земја, односно да ги заменуваме водоводните линии, затоа што водоснабдувањето е една од примарните дејности на јавното претпријатие, но и затоа што секој граѓанин бара редовно водоснабдување со квалитетна вода, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „ИСАР“ – Штип.

Бидејќи се работи за милионска инвестиција, а на сметка на општината веќе 20 години се замрзнати 1,2 милиони евра, пари на граѓаните од самопридонесот за изградба на брана на р. Козјак, локалната самоуправа планира да распише референдум за пренамена на овие средства.

-Со години наназад не се користат и се подложни на инфлација, затоа што од година во година губат вредност, за истите тие средства да ги консултираме нашите граѓани заедно со сите политички чинители во нашиот град. Штета е да останат не искористени во време кога имаме наталожени проблеми кои настануваат од застарената водоводна мрежа, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Најнапред ќе се работи на враќање на довербата на граѓаните кон институциите на системот, за да сфатат дека нивните пари ќе бидат вложени во капитални инвестиции од кои ќе имаат бенефит. Овие средства не се доволни за планираниот инфраструктурен зафат, но ќе бидат солидна финансиска потпора за започнување и делумна реализација на провеќегодишниот проект.