Македонија
27. August 2015 - 15:10

Потполковник Минева, прва жена командант на ВМЦ во историјата на АРМ

Потполковник Ирена Минева е новиот командант на Воено медицинскиот центар (ВМЦ), должност која денеска ја презеде од полковник Душан Стојановиќ, во присуство на министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Васко Ѓурчиновски и претставници од МО, ГШ на АРМ, како и командантите на потчинетите единици на брЛП и други гости.

Потполковник Минева е првиот офицер на АРМ од женски пол во историјата на АРМ, која ќе командува со единица од ранг на баталјон, што значи соодветен придонес кон изградбата на половата еднаквост во АРМ, но и можностите за градење успешна професионална кариера за жените кои се во редовите на Армијата.     

- Зборот здравје е постојано присутен во секојдневниот говор. Здрава личност е позитивна личност, здрав припадник на АРМ без оглед на тоа дали е старешина, војник или цивилно лице може да одговори на секојдневните задачи, кои честопати не се воопшто едноставни. Здрава нација, создава здраво општество, рече на денешното примопредавање на должноста потполковник Минева. Додаде меѓу другото дека како воено здравство одржуваат и спроведуваат ништо друго освен здравје, а со тоа, потенцира, ја одржуваат борбената готовност на АРМ. 

Командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, честитајќи и на потполковник Минева и посака успешно раководење и командување со ВМЦ, подвлекувајќи оти задачите треба да ги извршува без поголеми потешкотии и одлучно да одговори на сите предизвици. На досегашниот командант на ВМЦ полковник Стојановиќ му оддаде признание за досегашното раководење, дадениот личќен придонес и постигнатите резултати. Бригадниот генерал Ѓурчиновски нагласи дека во изминатиот период ВМЦ е препознатлив преку учество во мисиите предводени од ЕУ и НАТО, како и бројни вежбовни активности, спроведување медицинска обука, обука на медицински тимови и инструктори на припадниците на АРМ.

ВМЦ се наоѓа во организациско-формациската структура на брЛП  како единица во ранг на баталјон и претставува носител на медицинското обезбедување на АРМ, со главна мисија за зачувување и унапредување на здравјето првенствено на припадниците на АРМ. Во рамки на ВМЦ се врши подготовка на медицинскиот персонал на АРМ за учество во мисиите предводени од НАТО и ЕУ, како и реализацијата на партнерската цел за формирање на мобилна полска болница за медицинска поддршка на АРМ.

Потполковник Ирена Минева во АРМ е од 1998 година и како офицер на Санитетската служба, успешно извршувала повеќе должности, од началник на Одделение за медицинска поддршка до командант на Лесна маневарска болница. Учествувала во голем број меѓународни вежби, во медицинскиот тим на АРМ во мисијата „АЛТЕА“, а за беспрекорната работа и професионалниот однос кон работата, повеќе пати е наградувана.