Македонија
8. March 2019 - 17:02

Потпишана спогодбата за отворање нов граничен премин Маркова Нога - Лемос во преспанскиот регион

По повеќе од половина век, македонско – грчкиот граничен премин Маркова нога –Лемос повторно ќе биде ставен во функција. Во Министерството за надворешни работи беше потпишана Спогодба за отворање на преминот како прв договор по стапувањето на сила на договорот од Преспа.

Спогодбата ја потпишаа шефот на дипломатијата Димитров и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција Анагностопулу, кои Договорот за отворање на новиот граничен премин го оценија како историски.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји со посебен акцент на имплементацијата на Преспанскиот договор.

Со ставањето во функција на граничниот премин кај Маркова нога, се очекува дополнителен развој во односите меѓу Македонија и Грција, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.

Средствата за изградба ќе бидат обезбедени од ИПА Програмата за прекугранична соработка во вредност од околу четири милиони евра, а изградбата на граничниот премин треба да заврши до 2023 година.