Македонија
4. October 2016 - 14:49

Потпишан Меморандум за соработка меѓу МТСП и Платформата за родова еднаквост

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски и Платформата за родова еднаквост претставувана од претседателот на НВО “Реактор – Истражување во акција” Дамјан Здравев потпишаа Меморандум за соработка.

- Министерството за труд и социјална политика и Платформата за родова еднаквост со овој Меморандум за соработка воспоставуваат основа за стратешко партнерство и соработка во областа на родовата еднаквост и зајакнувањето на жените, со цел да го поддржат остварувањето на целите на Законот за еднакви можности на жените и мажите и Стратегијата за родова еднаквост на Република Македонија (2013-2020), како и соработка во областите кои не се вклучени во Стратегијата, а придонесуваат за постигнување родова еднаквост, се вели во денешното соопштение од Министерството за труд и социјална политика.

Во него се додава дека соговорниците оцениле оти само преку заедничка соработка и споделување на искуствата може да постигне повеќе и за афирмацијата на родовите прашања и за спроведување на политиките за унапредување на правата на жените во сите сфери од општественото живеење.

Платформата за родова еднаквост која е мрежа од 21 организација, иницијативи и индивидуи, го потпиша Меморандумот за соработка во имe на Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, Бори се женски, Женска граѓанска иницијатива АНТИКО, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените  - ЕСЕ, Здружение Женски форум – Тетово, Здружение за локален рурален развој, Здружение за унапредување на родовата еднаквост, Акција Здруженска, Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, Коалицијата - Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, ЛезФем, Мрежа за заштита од дискриминација, Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Националниот совет за родова рамноправност, Организација на жени на град Скопје, Организација на жените „Кумановка“ Куманово, Организација на жените на општина Свети Николе, Реактор – Истражување во акција, Здружение за еднакви можности СЕМПЕР – Битола, Здружение на граѓани за промоција на женската активност “Tiiiit! Inc-Скопје”, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Хуманитарно Здружение „Мајка“ – Куманово.