Македонија
9. February 2021 - 8:38

Потпишан Договорот за набавка на 200.000 кинески вакцини, следната недела се очекува испорака од „Фајзер“

Министерот за здравство Венко Филипче вчера потпиша Договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со Договорот, Република Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200 000 вакцини кои ќе пристигнат овој месец. Точниот датум на пристигнување и сите информации поврзани со испораката се очекува да биде утврден во следните денови, соопшти Министерството за здравство.

Премирот Зоран Заев на вчерашната онлајн дебата со Атланскиот совет на тема „ Македонија на прагот од Европа“ изрази надеж дека следната недела земјава ќе добие вакцини против Ковид-19 од „Фајзер“, а потоа и од другите производители.

Запрашан околу набавката на вакцини против Ковид- 19 во Македонија, Заев истакна дека земјава меѓу првите се вклучила во КОВАКС механизмот за набавка на вакцини, но, како што истакна секаде е истиот проблем – нема доволни количества на вакцини и затоа доцни испораката.

– Јас се надевам дека следната недела ќе имаме од вакцините на „Фајзер“, а понатаму и од другите вакцини, потенцираше премиерот.

Во исчекување на вакцините, состојбата со Ковид-19 во земјата и натаму се смирува. Вчера беа регистрирани нови 75 случаи на коронавирусот од направени 726 тестирања. Но, забележан е поголем број на починати лица во однос на претходните денови. Во текот на претходното деноноќие починаа 22 лица, меѓу кои 27-годишно лице од Демир Капија и 32-годишник од Скопје. Беа регистрирани и 1440 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 471.417 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 94.871, бројката на оздравени пациенти е 85.439, на починати е 2.946, а бројот на активни случаи изнесува 6.486, што е речиси за 2000 помалку во однос на крајот на јануари.

Најмногу активни случаи има во Скопје – 3215, Охрид – 381, Кавадарци – 336 Куманово – 257, Тетово – 252, Велес – 217. Во другите градови има под 200.

Во ковид – центрите во Скопје вкупно се лекуваат 260 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 85 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 30 пациенти, на ГАК три пациентки.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во болниците во главниот град има околу 90 слободни места.

Министерството за здравство информира дека во нашата држава кај 45 лица е утврден британскиот вид на вирусот.

Во лабораторијата на ИЦГИБ-МАНУ во периодот од 1 јануари до 7 февруари 2021 е утврдено присуство на САРС-КоВ-2 вирусот од Велика Британија кај 45 примероци на брисови од заразени лица.

– Првиот пациент со овој тип на вирус во оваа лабораторија е дијагностициран на 13 јануари 2021 во Охрид и оттогаш неговата застапеност прогресивно се зголемува. Во моментот оваа варијанта на вирусот е најфреквентна во Охрид и Прилеп, а е присутен и кај одредени пациенти во други градови: Тетово, Струга, Куманово, Штип, Велес, соопштија од МЗ.

НАТО преку Словак еид вчера ни донира четири респираторни машини, вредни околу 100 000 евра. На примопредавањето на донацијата на Меѓународниот аеродром во Скопје присуствуваа словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во својство на Национален координатор за странска помош во земјава и министерот за здравство Венко Филипче.

Досега во светот од коронавирусот се заразија 106 милиони, починаа 2,3 милиони, а оздравеја 78,5 милиони лица.

Според пресметките на имунолозите, како што соопшти вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, до претстојново лето 60 отсто од жителите на Земјата ќе се стекнат со имунитет на Ковид-19, што ќе овозможи во август да се вратиме на нормалниот живот.

Во Кина речиси два месеца нема локален пренос на Ковид-19. Од 16 декември во Кина не е забележани ниту еден случај на локална трансмисија на Ковид-19, објави Националната комисија за здравство.

Во светот се води и дебата која од вакцините е најефикасна, а која не е.

Најновата студија објавена во списанието „Нејчр медисин“ покажа дека вакцината на „Бионтек“ и „Фајзер“ делува и против мутациите на коронавирусот, кои се појавија во Јужна Африка и Велика Британија, соопштија денеска двете компании.

– Студијата објавена во списанието „Нејчр Медисин“ покажува дека вакцината Бионтек /Фајзер ги неутрализира новите мутации на коронавирусот, се вели во вчерашното соопштение.

Откако беше објавена информацијата дека вакцината на Универзитетот Оксфорд и шведската компанија „АстраЗенека“ е забранета во Јужна Африка, поради сомневањата дека не е ефикасна за лицата над 65 години, вчера во нејзина одбрана излезе францускиот министер за здравство Оливер Веран, тврдејќи дека таа овозможува доволна заштита против речиси сите видови на коронавирус.

Тој ја прими оваа вакцина во центарот за вакцинација во Мелен, што беше телевизиски пренесувано.

Во одбрана на вакцината на „АстраЗенека“ вчера застана и британското Министерство за здравство, кое соопшти дека нема докази оти таа вакцина не спречува смрт или сериозни болести, а Јужна Африка само времено ја прекина нејзината употреба.

Од соседството вчера дојде информација дека во Србија пристигнал нов контингент од 8.190 дози на вакцина на „Фајзер“. На средината на минатиот месец српскиот државен врв договори со властите на нашата земја, Србија да ни достави 8.000 вакцини од „Фајзер“.