Свет
29. February 2016 - 17:57

ОН: Постои опасност илјадници луѓе во Сирија да починат од глад

Илјадници луѓе би можеле да починат од глад во окупираните сириски градови и села до кои хуманитарните организации не можат да достават помош, предупреди денеска високиот комесар на ОН за човекови права, Зеид Рад Ал Хусеин.

Во обраќањето на пролетната сесија на Советот за човекови права на ОН во Женева, тој истакна дека 450.000 луѓе се моментно заробени во опколените градови и села во Сирија, некои од нив дури и по неколку години, како и дека испораката на храна, лекови и друга хуманитарна помош е често спречувана.

Ал Хусеин додаде и дека најмалку 10 болници и други здравствени установи се оштетени или уништени оваа година во воздушните напади во Сирија.

Во земјата денеска се доставени првите пратки на хуманитарна помош од почетокот на примирјето.

- Првпат од почетокот на примирјето десет камиони со бебешки пелени, облека, средства за хигиена денеска влегоа во Муадамијат аш Шам, бунтовнички град под опсада на армијата на сирискиот режим, југозападно од Дамаск, изјави претставникот на Црвениот крст, Муханад ал Асади.

Во текот на денов се очекуваат и други 41 камион кои треба да достават помош.

Претходно денеска, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун истакна дека примирјето се почитува, иако се регистрирани „одделни инциденти“.