Македонија
23. March 2017 - 14:06

Постигнат договор за Комисијата за прашања на изборите и именувањата

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, договорено е на денешната координација во Собранието. 

Предлогот за тоа кој ќе ја води Комисјата ќе биде соопштен попладнево, но според партиски извори, тоа најверојатно ќе биде Илија Димовски.

Како што изјави по координацијата Оливер Спасовски од СДСМ, тие направиле отстапка само за да профунционира Собранието, што, според него, е за добро и на државата и на граѓаните.

- И покрај неразумното барање, прифативме претседателот на Комсијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ со цел да почнат процесите во државата, а  граѓаните и законодавниот дом да не бидат залжници, рече Спасовски.

Според него, ова е добро и потребно зашто најмногу штета трпат граѓаните и економијата. - Сакаме да создадеме услови и можности граѓаните, земјоделците,... да ги остваруваат своите права и Македонија да почне конечно да чекори напред кон просперитет, истакна Спасовски.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјави дека СДСМ денеска првпат по изборите го прифати фактот дека се губитничка партија.

- Претседателското место и шесте членови во Комисијата што ги доби ВМРО-ДПМНЕ не се добар гест од страна на СДСМ туку се правила и пракса кои во Собранието функционираат 25 години. Ако СДСМ продолжи да го слуша гласот на граѓаните кои секојдневно се на улиците и ако продолжи со ваквите постапки, да прифати дека се губитничка партија на изборите, Собранието ќе продолжи нормално да фунционира, рече Димовски.

Спасовски и Димовски најавија дека конститутивната седница на Собранието треба да продолжи во понеделник и на неа, како што посочија, единствена точка на дневен ред ќе биде избор на составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата 

Според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден чен.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата  за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.